Свет
Пекинг ја промовира традиционалната медицина како кинеско решение за коронавирусот, има и скептици
Жионг Кингжен, инженер за беспилотни летала од Вухан, во февруари поминал повеќе од две недели во импровизирана болница, каде што се лекувал од коронавирус.
Секое утро и секоја вечер на 38-годишникот му била давана кафеава супа – традиционален кинески лек со мешавина од над 20 билки, вклучително и ефедра, цимет и корен од рибизла.
Но, за разлика од повеќето пациенти околу него, Жионг бил скептичен за неговата ефикасност и одбил да го пие, објави Си-ен-ен.
„Според мое мислење, тоа е чисто плацебо“, рекол Жионг, кој бил отпуштен кон крајот на февруари од импровизираната болница што ја воделе лекари што користат традиционална кинеска медицина (ТЦМ) и каде што не се користел западниот начин на лекување и немало западни лекови, освен основни лекови, како што е за висок крвен притисок.
Супата за чистење на белите дробови и детоксикација, како што се нарекува – хербално соединение, кое му било давано, била дел од напорите на кинеската влада да користи традиционална кинеска медицина (ТЦМ) во борбата против коронавирусот.
Додека научниците се натпреваруваат да најдат лек и вакцина против коронавирусот, Кина сè повеќе се свртува кон традиционалните лекови.
Кон крајот на минатиот месец, повеќе од 85 отсто од сите пациенти со коронавирус во Кина – околу 60.000 луѓе – добиле хербални лекови заедно со антивирусни лекови, објави Министерството за наука и технологија.
„Ние сме подготвени да ги споделиме кинеското искуство и кинеското решение на лекување Ковид-19 и да дозволиме повеќе држави да ја запознаат кинеската медицина, да ја разберат кинеската медицина и да ја користат кинеската медицина“, рече Ју Јанхонг, заменик-шеф на Националната администрација на Кина за традиционалната кинеска медицина.
Но, дури и во Кина, каде што ТЦМ има голем број приврзаници, владата не е во можност да ги потисне скептиците – како Жионг.
Во странство хербалните лекови може да се соочат со уште поголем скептицизам од западните медицински експерти, кои долго време ја доведуваат во прашање нивната безбедност и ефективност.
Научниците работат на изнаоѓање начини да го искоренат смртоносниот вирус. Но, засега главните антивирусни третмани се фокусираат на олеснување на симптомите – и тука Кина верува дека нејзините антички лекови може да помогнат.
„Со приспособување на целото здравје на телото и подобрување на имунитетот, ТЦМ може да помогне во стимулирање на способностите на пациентите да се спротивстават и да закрепнат од болеста, што е ефикасен начин на терапија“, рече Ју додавајќи дека традиционалната медицина помогнала во борбата против вирусите во минатото, како што е пандемијата на САРС во 2002 и 2003 година, во која починаа стотици луѓе во Кина.
„Досега повеќе од 50.000 пациенти се отпуштени од болница, а повеќето од нив користеле ТЦМ“, рече Ју наведувајќи дека пациентите побргу оздравеле со комбинирано лекување на кинеска традиционална медицина и западна медицина.
Во друга студија за посериозни случаи, пациентите што примале комбинирани третмани исто така ја напуштиле болницата порано и имале поголемо ниво на кислород во крвта и повисоко ниво на лимфоцити – важен показател за здравјето на пациентите што закренуваат.
Гао Ксијаојун, портпарол на здравствената комисија во Пекинг, рече дека традиционалната кинеска медицина одиграла активна улога во подобрувањето на стапката на закрепнување и намалување на стапката на смртност кај пациентите.
Сепак, Јанжонг Хуанг, постар колега на Гао за глобално здравје во Советот за надворешни работи со седиште во Вашингтон, рече дека треба да се има предвид дека 80 отсто од пациентите со коронавирус се со лесни симптоми.
„Дури и ако не направат ништо, на крајот може да оздрават“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Вашингтон пост“ отпушта една третина од своите вработени
„Вашингтон пост“ отпушти околу една третина од своите вработени утрово, уште еден удар врз уредничкиот тим кој долго време е под притисок. Отпуштањата беа распределени низ речиси сите оддели на компанијата во сопственост на Џеф Безос, објави CNN.
Сопственикот на „Вашингтон пост“, Џеф Безос, сè уште не ги коментираше отпуштањата. Познато е дека Безос врши притисок врз менаџментот да го врати почитуваниот весник во профитабилност, но многу новинари го критикуваа неговиот пристап и ги доведоа во прашање неговите мотиви.
„Безос не се обидува да го спаси „Вашингтон пост“. Тој се обидува да го преживее Доналд Трамп“, рече Глен Кеслер, поранешен проверувач на факти од „Вашингтон пост“, во својата колумна претходно оваа недела. Безос и неговата компанија „Амазон“ имаат комплициран однос со администрацијата на Трамп, а претходно оваа недела Безос го угости министерот за одбрана Пит Хегсет во неговата ракетна компанија „Блу Ориџин“.
Вработените во „Вашингтон пост“ со недели се подготвуваа за масовните отпуштања. Утрово им беше кажано да „останат дома“ додека беа најавени отпуштањата.
Според извори на весникот, промените вклучуваат драстично намалување на градскиот дел, затворање на речиси целиот спортски дел, затворање на книжевниот дел и прекинување на дневниот подкаст „Пост рипортс“.
Меѓународното известување исто така е значително намалено, иако некои бироа надвор од САД ќе одржат „стратешко присуство во странство“, рече Мареј.
Деловното работење на компанијата исто така се намалува. Мареј рече дека „ова реструктуирање ќе помогне да се обезбеди нашата иднина во служба на нашата новинарска мисија и ќе ни обезбеди стабилност“, но многу вработени беа скептични.
Легендарниот поранешен извршен уредник на „Пост“, Марти Барон, кој се пензионираше во 2021 година, рече дека „ова е еден од најтемните денови во историјата на една од најголемите новински организации во светот“.
„Секако, имаше сериозни деловни проблеми што требаше да се решат. Никој не може да го негира тоа“, напиша Барон. Но, додаде тој, тие предизвици беа „бесконечно влошени од непромислените одлуки што дојдоа од самиот врв“.
фото/Depositphotos
Свет
Тело на руски бизнисмен пронајдено на плажа на Кипар
Кипарските власти објавија дека телото пронајдено минатиот месец на плажа на југот од земјата е идентификувано. Станува збор за поранешниот извршен директор на најголемиот производител на калиум во Русија, кој беше приведен во Белорусија во 2013 година под обвинение за оштетување на белоруската економија.
Полицијата од британска воена база соопшти дека ДНК анализата потврдила дека станува збор за Владислав Баумгертнер (53), кој исчезнал од својот дом во крајбрежниот град Лимасол на 7 јануари. Неговото тело е пронајдено една недела подоцна на плажата Авдиму.
Во тек е истрага за околностите и причината за смртта на Баумгертнер. Неговото семејство е информирано. Плажата Авдиму се наоѓа во рамките на една од двете воени бази што Обединетото Кралство ги задржа откако Кипар доби независност од британската колонијална власт во 1960 година. Базите имаат своја полиција и судови.
Баумгертнер живее на Кипар во последните неколку години. Тој престојувал во стан над неговата канцеларија во Лимасол, град каде што живеат голем број руски емигранти.
фото/епа
Свет
Заврши првиот ден од преговорите меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби
Украинскиот преговарачки тим го заврши првиот ден од трилатералните разговори со Русија и САД во Абу Даби, насочени кон решавање на руско-украинската војна, објави Дијана Давитјан, портпаролка на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, пренесува „Украинска правда“.
„Преговорите се завршени за денес“, рече Давитјан, додавајќи дека е закажано да продолжат утре.
Украинската делегација во Абу Даби ги вклучува Рустем Умеров; Кирил Буданов, шеф на претседателската администрација, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица; Давид Арахамија, претседател на парламентарната група на партијата Слуга на народот; Андриј Хнатов, началник на Генералштабот на вооружените сили на Украина; и советник на кабинетот на претседателот Олександр Бевз.
Умјеров објави дека украинскиот тим планира и билатерален состанок со американската делегација, претставена од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф. На состанокот ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и „план за просперитет“.
Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последните напади, претседателот Володимир Зеленски објави дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена.
фото/епа

