Економија
Намалена основната каматна стапка на НБРМ, економијата е стабилна

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржа електронска вонредна седница, на која беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка 0,25-процентни поени на нивото од 1,75 отсто.
„Ова е второ намалување на каматната стапка оваа година по намалувањето во јануари кога во услови на високи девизни резерви и ниски инфлациски движења, а при присутни глобални ризици, вклучително и од ширењето на вирусната инфекција Ковид-19 (коронавирус), ја олабавивме монетарната политика. Потребата од одржување вонредна седница произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција Ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија“, соопштија од НБРМ.
Од Банката напоменуваат дека нивото на девизни резерви е комфорно, а банкарскиот систем е отпорен на потенцијалните шокови.
„Повторно напоменуваме дека засега тековите се стабилни, а Народната банка е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност. Во овој контекст, нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите. Банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу кои се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот Ковид-19 на глобално ниво. Домашниот банкарски систем е здрав, солвентен и ликвиден и е во подобра состојба од периодот на почетокот на глобалната финансиска криза во 2008 година“, соопштија од НБРМ.
На седницата повторно биле разгледани најновите економски показатели, при што се разговарало за ефектите од појавата на Ковид-19 врз глобалната и врз македонската економија.
Оттука, биле изнесени следниве заклучоци:
Ризиците за глобалната и домашната економија предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција Ковид-19 се изразени. Првичните очекувања дека оваа појава ќе биде локализирана на територијата на Кина се покажаа како неосновани, а ризикот дека нејзиното времетраење, силината и географската распространетост ќе бидат големи се оствари во многу кус период.
Од крајот на февруари до почетокот на март овој вирус се прошири во над 80 земји во светот. Мерките што се преземаат на глобално ниво за спречување на неговото ширење се однесуваат на ограничување на движењето, одложување поголем број активности, отежнување на глобалните синџири на производство, промени на цените на пазарите на финансиските инструменти и на примарните производи. Сите овие мерки имаат последици за понудата и за побарувачката во економијата, како и за довербата на потрошувачите и инвеститорите и со тоа за вкупниот раст на економијата.
Големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста за времетраењето и силината на вирусната инфекција. Иако тековниот шок е од неекономска природа и, најверојатно, нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите на трајна основа, неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија, најверојатно, ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност. Европската централна банка ги објави своите мартовски проекции за еврозоната како наш клучен трговски партнер.
Овие проекции не ги опфаќаат во целост најновите ефекти од Ковид-19 врз глобалната активност и трговијата и предвидуваат раст на еврозоната од 0,8 отсто во 2020 година. Сепак, нивните сценарија за ефектите од Ковид-19 врз еврозоната, кои претпоставуваат присуство на пандемијата до крајот на првата половина од оваа година, упатуваат на можна помала активност во однос на ова сценарио во интервал од 0,6 до 1,4-процентни поени. Притоа, ЕЦБ нагласува дека овие сценарија не претпоставуваат монетарна или фискална реакција, која, доколку се преземе, значително би ги ублажила негативните ефекти.
Остварувањето на ризикот и неговите негативни ефекти врз растот на економиите доведоа и до брза реакција на поголем број централни банки со намалување на нивните каматни стапки и/или преземање дополнителни мерки за креирање ликвидност во системот и поддршка на кредитирањето. Вакви мерки презедоа и Федералниот систем на резерви, Европската централна банка, Банката на Англија. Со ова тие придонесуваат за дополнително олеснување на финансиските услови и за поддршка на реалниот сектор во услови на неочекуван негативен шок со силно влијание врз вкупната активност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска – Кочоска ќе го следи поскапувањето на бензините, не кажа дали тоа ќе повлече други поскапувања

Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска по денешните најави за поскапување на бензините кажа дека Министерството за финансии ќе ја следи состојбата, но не даде конкретен одговор на новинарско прашање дали поскапувањето на бензинот кај нас ќе повлече и други поскапувања.
„Станува збор за берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание, така што ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме, сега немаме некоја премногу висока цена на горивото меѓутоа да видиме што ќе се случува на берзанските производи. На тоа Владата не може да има влијание затоа што станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, рече министерката Димитриеска – Кочоска денес по состанокот со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, на кој се договорија амбасадите на координации во Министерството за финансии да ги договараат проектите за кои ќе одвојуваат средства во земјава, за да нема поклопување.
Регулаторната комисија за енергетика утрово извести дека од ноќеска по полноќ за 1,50 денар за литар поскапуваат бензините еуросупер 95, еуросупер 98 и дизелот, а мазутот е поскап за 1,293 денари по литар
Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата

„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.