Македонија
Министерството за правда презеде мерки за зголемена заштита на граѓаните во нотарските канцеларии

Во правец на реализација на мерките и препораки за заштита и превенција од ковид -19 донесени од страна на Владата на 19-тата седница од 14.03.2020 година, а соочени со потребите на граѓаните за непречен пристап до нотарските услуги, Министерството за правда испрати известување до Нотарската комора, со кое се предвидуваат низа мерки:
- Се суспендира примената на Правилникот за работно време на нотарските канцеларии, (Сл.весник на РМ бр. 226/16 и 165/17). Нотарските канцеларии се должни да го организираат своето работно време согласно потребите на граѓаните и правните лица и кадровските можности во секоја од канцелариите, притоа имајќи ги предвид одлуките на Владата за прогласување кризна состојба на определени подрачја и одлуките за справување со вирусот ковид-19. За своето работно време секоја од канцелариите е должна да истакне видливо соопштение на својата влезна врата од надворешната страна и за истото да ја извести Нотарската комора, која таквиот податок ќе го евидентира на својата веб-страница во делот на Именик на нотари, со цел да им биде податокот достапен на сите заинтересирани без притоа да има потреба од непосредно одење пред нотарските канцеларии. Нотарот е должен на соопштението да остави и телефонски број во случај на итни потреби на граѓаните од нотарска услуга.
2.Нотарот е должен да оневозможи пристап во канцеларијата на повеќе странки истовремено. Доколку во предметот има повеќе учесници, нотарот е должен да обезбеди раздалеченост помеѓу секој од нив од 2 метра и посебно пенкало за потпишување за секој од учесниците, со цел да се превенираат непосредни директни контакти помеѓу учесниците.
3.Нотарот е должен да овозможи средства за дезинфекција на рацете на странките, како и на пенкалата што се користат во канцеларијата.
Нотарските канцеларии се должни да се придржуваат до овие мерки и тековно да ги следат информациите и препораките на Владата во однос на заштита и превенција од ковид-19, со оглед на сериозноста на состојбата со пандемијата и општествената одговорноста на секој поединец и институција, вршител на јавни овластувања и слично, во правец на реализација на истите, без притоа да се наруши општественото живеење и потребите на граѓаните и деловната заедница.
Комората на извршителите, постапувајќи по препораките на Владата и Министерството за здравство, донесе низа мерки за безбедни извршителски услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити и Вардар го претставија Мастер планот за Чаир, сеопфатна визија за модерна, функционална и урбано силно идентификувана општина

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити во соработка со
светски познатиот архитект, Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер
планот за Чаир, стратешки документ кој има за цел трансформација на
општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано
зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Мастер планот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција
и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист
со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот
мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите
експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти
кои обезбедија прилагодување на планот кон реалните потреби на Чаир.
Мастер планот се темели на седум клучни столбови на развој:
Транспорт и сообраќај
Заштита на културното наследство
Туризам и економија
Образование
Култура и уметност
Рекреација и спорт
Урбана трансформација
Фокусот на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и
модернизација на инфраструктурата. Визијата предвидува изградба на
булеварот “Хрватска” и “Црна Гора”, што ќе овозможи движење од
Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е
проширување на булеварите “Митат Фрашери”, “Џон Кенеди” и “Цветан
Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување
на протокот. Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек
околу парк-шума Гази Баба.
Друг клучен елемент е ревитализацијата на Стариот Чаир, со конкретни
мерки за зголемување на бројот на туристи, развој на економијата и
културниот живот, со трансформација на традиционалните ханови во
функционални центри и епицентри на урбани активности.
Проектот предвидува и создавање на 5000 нови паркинг места, вклучувајќи
механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање
на постоечките училишта и креирање на модерен кампус за Универзитетот
“Мајка Тереза”.
Посебно внимание во Мастер планот е посветено на проектот „Модерна
Топхана“, кој има за цел трансформација на населбата Топхана во иконичен
и атрактивен простор за Скопје, со спојување на траги од верски,
културни и историски вредности со современ архитектонски јазик, во
согласност со стандардите на Европската Унија.
На настанот за презентација на Мастер планот присуствуваа граѓани,
архитекти, урбанисти, претставници на медиуми и јавни личности, кои ја
поздравија оваа иницијатива како голем чекор кон трансформација на Чаир
во европска општина со силен урбан и културен идентитет.
Македонија
Трипуновски: Откупот на пиперка се одвива непречено, земјоделството останува врвен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

„Вчера во Струмица остварив средба со откупувачи и преработувачи на пиперка. На средбата договоривме откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целата пиперка ќе биде откупена“, информира министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
„Денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ги посетивме откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршивме увид во откупниот процес на пиперката. Ова е резултат на нашата постојана грижа за заштита на интересите на земјоделците и обезбедување на фер услови при откупот на земјоделските производи. На секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес. Земјоделството е приоритет и ние сме тука да ги штитиме правата на секој земјоделец“, пишува во објавата на ФБ.
Македонија
(Фото) И пратеници трчаа на скопскиот маратон

Денеска во Скопје се одржа 21. Визер Скопски маратон. Првпат институцијата Собрание настапи како организиран тим, со силна порака за блискост со граѓаните и тимски дух, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“, информираат од прес службата на Собранието на Македонија.
64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во неколку дисциплини, и тоа: полумаратон, штафета и трка на 5 километри, за промоција на здрави навики, солидарност и институционална отвореност кон граѓаните.
Учеството на Маратонот е дел од Планот за подобрување и ЦАФ мерки кои успешно се имплементираат во Собранието од септември 2025 година, согласно Програмата за собраниска поддршка (ПСП).
На штафетата, Собранието беше претставено од 2 екипи, додека на полумаратонот трчаа 6 претставници. Во трката на 5 километри учествуваа 50 претставници на Собранието.
„Пратениците и службениците со гордост ја пренесоа пораката дека Собранието е институција блиска до граѓаните, која трча заедно со нив – во спортот и во развојот на општеството. Во суштина, ова учество не е само спортски настан — тоа е симболична порака за транспарентност, соработка и човечки пристап во работата на Собранието“, стои во соопштението.