Економија
„Визер“ автоматски ќе ги додаде кредитите од откажаните летови

„Визер“ објави дека како резултат на значително поголемиот обем на откажани летови поради ограничувањата на патувања наметнати како борба против ширењето на пандемијата со Ковид-19, го автоматизира процесот на рефундација на афектираните клиенти со автоматско поставување на 120 отсто од оригиналната цена во делот на „Визер кредитите“ на сметките на своите клиенти.
Паралелно со воведувањето на автоматскиот процес на рефундација, авиокомпанијата привремено ќе ги оневозможи своите опции за онлајн-регистрација најдоцна до 14 април 2020 година за да се осигури дека може да се справи со откажувањата примени во последно време, чија бројка е зголемена повеќе од 100 пати. „Визер“ би сакала да ги увери сите свои клиенти дека, дури и ако процесот потрае подолго од вообичаеното, сите побарувања ќе бидат решени и клиентите ќе имаат право на рефундација по откажаниот лет.
Додека автоматскиот процес на враќање готовина за туристички агенции се развива со висок приоритет, „Визер“ љубезно ги замолува туристичките агенции да се јават во центарот за повици на авиокомпанијата.
Патниците што ги направиле своите резервации преку туристички агенции – вклучувајќи ги и онлајн-туристичките агенции – треба да се јават во компаниите преку кои ги купиле своите билети. Во овој исклучително невообичаен период ве замолуваме да ги користите нашите платформи за самопослужување, кои се наведени во електронските пошти за да се намали колку што е можно повеќе користењето на нашите центри за повици, кои и онака се премногу зафатени. Иако е надвор од границите на контрола на „Визер“, авиокомпанијата се извинува за непријатностите како резултат на забраните за патување и откажувањето на летовите и ги уверува своите патници дека враќањето на средствата останува нивен приоритет.
„Виз“ е најголемата нискобуџетска авиокомпанија во централна и источна Европа, која нуди над 700 рути од 25 бази поврзувајќи 155 дестинации во 45 држави. Во „Визер“ над 5.000 авијациски професионалци нудат извонредна услуга и ниска цена на билетите и го прават „Визер“ подобриот избор за повеќе од 40 милиони патници во изминатите 12 месеци. „Визер“ управува со флота од 121 авион „ербас“. Авионите „А320“ се опремени со 180 седишта, „А321“ со 230 седишта, а „А321 нео“ со 239 седишта. Според според последните статистики на швајцарскиот авионски разузнавачки оператор CH-AVIATION, „Визер“ ја има една од најмладите авионски флоти во светот.
„Визер“ котира на Лондонската берза со тикер: WIZZ и се вклучени во FTSE 250 и FTSE All – share Indices. „Визер“ е регистрирана од страна на Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА), оперативна ревизија за безбедност (IOSA), глобален репер за безбедност на авиокомпанија.
Компанијата неодамна беше именувана за една од 10-те најбезбедни авиокомпании од страна на airlineratings.com, единствена светска агенција за рејтинг на безбедност и производи, и беше прогласена за авиокомпанија на годината – 2020 од страна на ATW, единствените интернационални награди што ги признаваат најистакнатите компании во воздушната индустрија во годината во сите најважни категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски: За автопатот Кичево-Букојчани ќе избереме изведувач овој месец, изградбата започнува веднаш согласно временските услови

Овој месец, почетокот на следниот месец ќе биде избран Изведувач за изградба на автопатот Кичево -Букојчани и доколку дозволат временските услови веднаш ќе се започне со изградба, најави денеска од Кичево, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
„До среда е рок за достава на понуди на автопатот Кичево Букојчани. Тој го работиме заедно со ЕБОР. Вредноста е проценета на околу 123 милиони евра, истите ги имаме обезбедено во соработка со ЕБОР а 20 % се грант средства. Очекувам до крај на овој месец, почетокот на следниот месец да имаме избрано Изведувач и доколку не послужат временските услови, а доколку не, со почетокот на следна градежна сезона во март да почнеме со изградба и на овој автопат кој што очекувам во период од 3 години да се заврши. Дополнително на тоа е најголемиот инженерски потфат, а тоа е изградбата на автопатот од Букојчани до Гостивар или популарната Стража. Од 33 км колку се проектирани, 17км се пробиени. Од март ќе се пробиваат и другите километри и првпат ќе видиме автопат да се гради од двете страни и очекувам до 2028 година и тој автопат да биде завршен што значи дека до крај на 2028 година Кичево ќе биде средиште на автопатското поврзување на Коридор 8, што значи дека по автопатско решение ќе се патува и кон соседна Србија, соседна Албанија и Грција” – истакна Николоски.
Тој најави дека до пролет и тунелите на автопатот Кичево-Охрид ќе бидат пуштени за сообраќај.
„Таму имаме 16 проблематични косини, на две од нив се работи од страната на Кичево, а за останатите проектирањето завршува на 1 ноември. До пролет очекувам и тунелите да бидат пуштени во употреба, а останите делови на автопатот да се пуштаат сукцесивно” – изјави вицепремиерот Нколоски.
Економија
Славески: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.
Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање тој порача дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.
Економија
МФ: Исплатени 19,4 милиони евра нова транша за поддршка на домашните компании

Над 1 милијарда денари нова транша е исплатена од кон Развојната банка за подршка на домашните компании, средства кои Владата ги обезбеди по поволни услови од унгарскиот заем, извести МФ.
Од централниот Буџет кон Развојната банка се исплатени 1,2 милијарди денари, односно 19,4 милиони евра, средства со кои ќе се реазираат инвестициски проекти од страна на домашните компании, кои претходно се одобрени од страна на деловните банки.
Со оваа транша вкупната поддршка што од централниот Буџет е трансфериран кон домашната економија преку оваа владина мерка изнесува 190,5 милиони евра.
Во Буџетот за 2025 година проектирани се вкупно 250 милиони евра кои се наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, а кои треба да покренат инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра. Средствата за оваа намена ги обезбеди Владата по поволни услови преку унгарската Експорт-импорт банка, соопшти Министерството за финансии.