Македонија
Службите за пасоши и лични карти од утре со скратено работно време

Сите управни служби при Министерството за внатрешни работи од утре ќе работат со скратено работно време поради мерките за справување со коронавирусот.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, рече дека за скратеното работно време преку телеграма ќе ги информира сите управните служби во сите сектори за внатрешни работи.
„Управните служби при Министерството за внатрешни работи од утре ќе работат со скратено работно време. На подрачјето на Скопје, од утре, од 7.30 до 18 часот, ќе работат пунктовите во МРТ, Беко и во Ѓорче Петров, и од 10 до 18 часот ќе работат пунктовите во Бутел и Драчево. Управните служби во сите други сектори за внатрешни работи ќе работат 7.30 до 16 часот“, најави министерот Чулев.
Во однос на пасошката криза, министерот Чулев минатата недела информира дека за десетина дена се очекуваат обрасците за пасоши. Изминатиов месец пасоши се издаваа само за итни случаи со одобрение од деветчлена комисија во МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.
Македонија
Муцунски – Калас: Континуирана поддршка за европската интеграција на Македонија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Мучунски, попладнево оствари телефонски разговор со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас.
Во разговорот, високата претставничка Калас ја потврди континуираната поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија.
Министерот Мучунски ја реафирмираше посветеноста на нашата земја на европските вредности – владеење на правото, дијалог и добрососедска соработка – како темели на процесот на пристапување кон Европската унија.
Во рамки на разговорот стана збор и за регионалното поврзување, при што министерот ја подвлече поддршката за Коридор 8 како стратешки приоритет за инфраструктурна интеграција на регионот.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, заеднички нагласувајќи ја потребата од почитување на меѓународното право и избегнување на понатамошна ескалација.