Македонија
Спасовски: Нема одлука за ограничување на движењето, апел до повозрасните граѓани да останат дома
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, вели дека и денеска, неколку часа од прогласувањето на вонредната состојба, животот продолжува да функционира исто како вчера.
Владата на седница не донела нови одлуки за рестрикции во движењето, можност пропишана со прогласувањето ваква состојба.
Спасовски ги повика сите граѓани, доколку имаат и најмали симтоми што личат на коронавирус, а на кои предупредуваат медицинските лица, да се јават во центрите за јавно здравје.
„Вонредната состојба, која ќе трае 30 дена, со можност да се продолжи доколку е потребно, не значи дека ќе замре животот на граѓаните. Сите функции на државата ќе продолжат да се остваруваат и во овие услови. Правата и слбоодите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Тоа не значи застој во слободниот транспорт на прехрабените потреби на граѓаните, ниту во делот на снабдувањето со лекови во болниците и аптеките. Денеска, сè продолжува да функционира исто како и вчера, нема одлуки за нови рестрикции во движењето и остварувањето на професионалните обврски на граѓаните. Исклучок од ова се само подрачјата на Дебар и Центар Жупа бидејќи таму има кризна состојба затоа што тоа се жаришта на вирусот“, рече Спасовски.
Препораката возрасната категорија граѓани да останат дома и натаму останува. Спасовски од нив побара за помош да им се обратат на волонтерите, кои ги има во сите општини.
„Најпрвин сакам да ве уверам дека денеска, неколку часа по прогласувањето вонредна состојба, ние сите заедно сме уште повеќе сплотени за уште посериозно и поодговорно да ги извршуваме своите задачи. Оваа одлука е вистинската мерка што ќе помогне во остварувањето на грижата, а тоа се животот и јавното здравје. Ги спроведуваме сите мерки за превенција и заштита на здравјето на граѓаните. Одлуките се во насока помалку да им наштети на економијата и стопанството. Економските мерки што ги носиме имаат цел да обезбедат одржливост и да се зачуваат работните места на граѓаните“, додаде Спасовски.
Тој уверува дека ќе се работи за интересот на граѓаните, а вонредната состојба значи само олеснување на Владата да донесе уредба која веднаш ќе стапи на сила.
„Вонредните политики во вонредна состјоба ќе може полесно да се донесуваат. Ве уверувам дека ќе ја совладаме вонредната состојба, професионално со сите државни ресурси, спроведувајќи ги сите законски прописи за успешно справување и спречување ширење на коронавирусот“, смета Спасовски.
Најстроги санцкии за сите што нема да ги почитуваат мерките, повтори Спасовски, и рече дека сите одлуки донесени во врска со вонредната состојба, ќе бидат веднаш соопштени.
„Потребно е да се однесуваме одговорно почитувајќи ги мерките и препораките, кои се за наша лична заштита и заштита на нашите семејства. Во услови на вонредна состојба, ќе покажеме дека дисциплинирано секој од нас, сите државни и приватни институции, сите граѓани, сите одделно сме посветени за општо добро“, потенцира тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

