Регион
Јанез Јанша ја обвини претходната влада за задоцнетата реакција на коронавирусот во Словенија
Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, ги повика граѓаните да се придржуваат кон строги ограничувања за спречување на епидемијата на коронавирусот обвинувајќи ја претходната влада на Марјан Шарец дека не реагирала навремено за да го ограничи увозот на опасниот вирус од соседна Италија.
„Дури и најдрастичните мерки нема да имаат ефект, освен ако не сме свесни дека сите се дел од проблемот и дел од решението. Ние го шириме вирусот како индивидуи и само како поединци можеме барем да го забавиме ширењето на инфекцијата“, рече Јанша во видеопораката до нацијата објавена од медиумите по повод новата мерка, која стапи во сила и која вклучува строга забрана за движење и собирање повеќе лица на јавни места и површини.
„Пандемијата на вируси и кризата што ја предизвика го менува светот и не знаеме колку долго ќе трае, но ако го сториме она што е неопходно, тогаш сигурно ќе ја надминеме оваа опасност и откако ќе можеме повторно да живееме нормално“, рече Јанша заблагодарувајќи им се на сите што даваат сè од себе за да го спречат ширењето на вирусот.
Во исто време Јанша ја обвини поранешната влада на Марјан Шарец за доцнењето во подготовките за епидемијата, од која неговата влада ги презеде работите пред помалку од една недела.
Според него, претходната влада, во време кога епидемијата во северна Италија била во полн замав, не им дала никакви упатства на граѓаните за одење во таа земја во критично време кога имало школски празници во Словенија, кога многумина одат во Италија на скијање или одмор, а ретки биле и повиците од експерти дека тоа треба да се направи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.