Македонија
(Видео) Заев: Ова е борба за сечиј живот, да бидеме одговорни, заедно да го победиме коронавирусот

Живееме во тешко време кога сите заедно делиме иста мака и сме исправени пред предизвикот заеднички да се избориме. Затоа, уште еднаш ве повикувам сите вас на одговорност, на заедничка акција и солидарност. Само заедно, сплотени, може да се избориме против коронавирусот, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ајде заедно да им помогнеме на институциите, на јавното здравство, преку наш личен пример, преку лична одговорност. Да останеме дома, да нема никакви собири, да користиме средства за дезинфекција и често да миеме раце.
Ситуацијата во светот е тешка, тажна и страшна. Заразата не избира кого ќе го нападне. Таа ги напаѓа сите луѓе. Во Италија има огромен број жртви, а многу тешко е и во Шпанија. Ова е борба за сечиј живот, за животот на твоите деца, твојата мајка, татко, брат, сестра, твојот сосед и пријател, за мојот и твојот живот.
Млади, мора да разберете колку е сериозна ситуацијата и веднаш да ги прекинете собирите. Дечки и девојки, помислете на своите најблиски, вирусот може да биде многу опасен за вашите родители, баби, дедовци, за луѓето, кои, за разлика од вас, многу потешко би се избориле со болеста. Знам дека имате начини да се дружите онлајн и затоа ве замолувам, направете го тоа.
Ги молам медиумите да продолжат да помагаат со своето одговорно и професионално однесување, благодарение на нив имаме информирана јавност. На оние од екипата „лажни вести“ им порачувам да престанат да му штетат на нашиот народ зашто сега народот реагира. Да бидеме одговорни, да се почитуваме, да си помагаме, да се чуваме. Секој живот е важен, секој човек е важен!
Ова се тешки времиња, но ние сме тука да им служиме на граѓаните, да им помогнеме на компаниите, на работниците. Подготвуваме голем пакет нови економски мерки, да ги задржиме вработените и да ги одржиме фирмите. Државата ќе помогне солидарно, на здрави основи.
Верувам дека Северна Македонија е во кондиција да обезбеди најголема помош на жител во споредба со земјите од соседството. Ние сме тука заедно да го победиме невидливиот непријател и заедно да се справиме со сите економски последици“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Црвените линии на Венко се тројанскиот коњ, Бојко зборуваше дека дал пари, сега што ли е во игра?

На денешниот народен митинг во Куманово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што се осврна на политичките трикови со црвените линии на Венко за кој рече дека се тројанскиот коњ.
„Ќе се осврнам и на политичките настани. Триковите веќе не поминуваат. Погледнете каков подарок од СДСМ сега спремаат за Бугарија. Тој подарок е тројански коњ, убаво спакуван, со таканаречени црвени линии, а всушност тоа е ново попуштање кон нашиот источен сосед. Нова бонбона бизнис која СДСМ ѝ ја дава на нашиот источен сосед. Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС, партијата на чие челo е Венко, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека политичките трикови на СДС и Филипче нема да поминат и дека врз грбот на националните и државни интереси нема да дозволи некои да градат политички кариери.
Но овој пат големата пречка за тоа сме ние народот на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што добро знаат дека тоа нема да дозволам да помине. Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии зарем некој овде верува дека има малку патриотизам во СДС и ова раководство на СДСМ. Јас не верувам. Затоа да излеземе масовно на 19 октомври и да го заокружиме бројот 9. Тоа што за нашиот Источен сосед Венко е добар, за Македонците значи само едно – ново предавство, кое ние нема да го дозволам. Не постои цена не постои ништо коешто може да го извалка овој образ. Јас ветувам само чесна работа и дека ќе биде тешко но нема да биде срамно. Сите заедно одлучивме да го одиме тешкиот пат. Но не и срамниот пат. Националните и државни интереси нема да бидат крчма над која тие ќе ги градат своите кариери, а овој пат народот ги знае сите нивни трикови и ќе загубат дебело на овие избори“ заклучи Мицкоски.
Македонија
Филипче: Дали сега Мицкоски е криминалец што склучи договор со ИРД?

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Свети Николе, ја коментираше последната информација дека Владата склучила договор со фирмата ИРД инженеринг, иако токму оваа компанија беше цел на жестоки напади од ВМРО-ДПМНЕ кога беше опозиција.
„Денес излезе информација дека Владата склучила договор со ИРД инженеринг – фирмата со која и нашата Влада имаше договор. Тогаш Александар Николовски и сите челници на ВМРО-ДПМНЕ секој ден држеа прес-конференции, обвинувајќи дека оваа фирма е криминална. Јавно го повикуваа обвинителството, тврдеа дека преку неа се перат пари. И денес договор со нив,“ рече Филипче.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ со месеци водеше кампања со обвинувања за наводен криминал и за Бехтел и Енка, а сега, како што истакна, го прави истото што тогаш го критикуваше и ги продолжува истите проекти.
„Истото како со Бехтел и Енка, единствениот проект на кој сега нешто се работи. И тој беше ‘криминален’, според нив. Па ги прашувам јавно – што е разликата сега?“ праша лидерот на СДСМ.
Филипче јавно упати прашање до премиерот Мицкоски:
„Го прашувам јавно Мицкоски – дали си ти сега криминалец? Ако беше криминален проектот што ние го започнавме, ако беше криминален надзорот што го потпишавме, тогаш дали значи дека и ти си криминалец кога продолжуваш со истото?“
Македонија
Михајловски: Со заокружување на бројот 9, советниците ќе му служат на народот и на Куманово

Владимир Михајловски, носител на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во општина Куманово на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ истакна дека оваа советничката листа се разликува од останатите заради тоа што овие луѓе се професионалци, и докажани во својата работа.
„Оваа советничка листа се разликува од останатите, оваа советничка листа има луѓе кои природно и припаѓаат на Македонија, му припаѓаат на Куманово му припаѓаат на народот. И денес како предводник на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ ќе го кажам следново: Горд сум со луѓето што ги предводам, тоа се луѓе кои се истакнати професионалци, скромни но докажани во својата работа, во својата човечност“, рече Михајловски.
Михајловски потенцираше дека со заокружување на бројот 9 граѓаните ќе добијат правилно урбанистичко уредување, изградба на канализациони системи, изградба на спортски игралишта, субвенционирање на општинскиот спорт.
„Со заокружување на бројот 9 гласате за планско проширување на градот и правилно урбанистичко уредување, гласате за повеќе слободни паркинг површини, изградба на катни гаражи и ослободување на тротоарите, гласате за изградба на канализациони системи во населбите и обновување и одржување на постојните, за изградба на нови спортски игралишта и реновирање на постојните, гласате за субвенционирање на општинскиот спорт, за спортот на младите, и поддршката на локалните спортски клубови, гласате за борци за почиста животна средина, за почист воздух, за уредување на речните корита и изградба на паркови и зелени површини, гласате за ваш советник, достапен во секое време, подготвен да ги прими и да ги разгледа вашите предлози и додаде:
Ве повикувам сите масовно на 19 октомври да излезете и да гласате за овие прекрасни луѓе, овие професионалци, посветени, храбри и чесни луѓе, доаѓа време на луѓе кои не се тука да царуваат туку да му служат на народот и да му служат на Куманово, затоа да го направиме вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина.