Вести
CNN: IS киднапирал медицински работници, меѓу нив има и српски државјани

Борците на Исламска држава (IS) киднапирале 20 медицински работници од централната болница во градот Сирт во Либија, а меѓу нив наводно има и српски државјани, јавува CNN.
Нападот бил извршен во понеделникот вечерта од страна на група од 30 милитанта, додека докторите и сестрите пред болницата чекале автобус кој требало да ги пренесе во Триполи.
Официјалните претставници сметаат дека терористите сакале да го задржат медицинскиот персонал во Сирт, град кој скоро целосно го имаат под контрола, за да ги лечат нивните ранети и повредени соборци.
Повикувајќи се на изјава на еден од претставниците на болницата, CNN пишува дека најголем дел од киднапираните лица се од Филипини, додека останатите се од Украина, Индија и Србија. Автобусот требало да ги префрли медицинските работници на сигурно, поради влошувањето на безбедносната состојба во градот.
Филипинските власти пак подоцна објавиле дека „четирите филипински медицински сестри не се киднапирани, туку се префрлени на безбедно“.
Агенцијата AP, пак, пренесува дека припадниците на „Баталјонот 166“, кој се бори против Исламска држава, соопштиле дека киднапирањата биле извршени во болницата „Ибн Син“, но дека нивните борци успеале на спасат неколку странски медицински работници и да ги префрлат на безбедно, во градот Мисрат.
Како што соопштил еден локален преставник, Исламската држава сака во градот да го задржи „единствениот медицински тим кој може да им помогне на нивните ранети борци“.
Градот Сирт, кој се наоѓа на пола пат меѓу Триполи и Бенгази, е под контрола на Исламска држава уште од минатата година. Српските медиуми засега не успеале да добијат информации од српската амбасада во Триполи околу наводното киднапирање.
Изминатите денови офанзифата на Исламска држава во Сирт го достигна својот врв, а многу семејства се одлучија за иселување, како би го избегнале теророт на џихадистите.
Во градот, каде што е роден и убиен поранешниот либиски лидер Муамер ел-Гадафи, се водат големи борби меѓу Исламска држава и борците на локалните власти во Триполи.
Бегалците од тоа подрачје спас бараат во градот Мисрат, упориште на милитантната група „Либијска зора“, која во наредните денови планира да ги зголеми своите сили во Сирт, во контраофанзива против џихадистите./крај/мф/бс
Извор: CNN
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.