Економија
(Видео) Мицкоски: Купувајте македонски производи, затоа што така ја правиме државата подобра

„Ова е време на вистинска здравствена, санитарна, но и економска криза.Коронавирусот не само што го напаѓа здравјето на граѓаните, туку ја разорува и економијата, а тука се работи за стандардот на граѓаните и квалитетот на животот“, се вели во видео-обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, компаниите кои се најдиректно изложени на штетните последици од пандемијата губат по 110 милиони евра месечно. 70 проценти од овие компании се мали со од еден до 9 вработени. Тие се првите на удар.
„Во отсуство на брза реакција на властите, секој од вас може да помогне. Се прашувате како???Купувајте македонски производи и спасете работно место. Секој човек во економскиот свет е потрошувач, трошете паметно и купувајте производи произведени во Македонија за да и помогнете на економијата, а највеќе да помогнеме да се сочуваат работните места, а така си помагаме себеси.Купувајте македонски производи, затоа што така ја правиме државата подобра и затоа што ја сакаме Македонија!“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска на 10. економски форум во Делфи

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 11 април ќе учествува на Економскиот форум во Делфи, кој обединува на едно место креатори на политики, претседатели на држави, премиери, министри, претставници на бизнис и на академската заедница и експерти од над 55 земји во светот.
Преку повеќе панел-дискусии, Форумот ќе биде фокусиран на низа глобални и регионални теми поврзани со геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, енергетиката, туризмот, технологијата и општеството. Вториот ден од Форумот ќе биде посветен на финансиите и економијата и, меѓудругото, ќе бидат отворени прашањата за стратегии за забрзан раст и развој, транзиција кон одржливи модели на развој и финансирање на идниот одржлив развој, стратешки партнерства за унапредување на економската конкурентност и економската безбедност, новата индустриска стратегија на ЕУ и кохезионите политики на ЕУ по 2027 година. Воедно, учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебатите, да разменат идеи и да дискутираат за идниот развој.
Годинашниот Економски форум е десетти по ред и традиционално се одржува во грчкиот антички град Делфи. Форумот, како независна и непрофитна организација со меѓународен карактер, има за цел да ги претстави реалните состојби и притоа да се бараат решенија за справување со глобалните предизвици и за обезбедување поодржлива и просперитетна иднина.
Економија
Министерството за финансии: Ќе се складираат 1.300 тони ориз, со кои се покрива 60-дневна потрошувачка

Во Собранието вчера беше усвоена Програмата за дополнување на Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви, предложена од Министерството за финансии.
Во стоковните резерви ќе се складираат 1300 тони ориз, односно 2400 тони оризова арпа, со коишто се обезбедува 60-дневна потрошувачка, а за што се потребни околу 100 милиони денари, извести Министерството за финансии.
Оризот како култура која е од исклучително значење за населението во земјата и погодна за чување како стоковни резерви е опфатен со последните измени и дополнувања на Законот за стоковните резерви.
Стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во РС Македонија и се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи, како и при поголемо нарушување на пазарот.
Стоковните резерви ги сочинуваат: пченица, пченка, јачмен, оризова арпа, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.
Економија
Почнува ESG Adria Самитот: Се гледаме во Тиват!

Во среда, на 9 април, во Порто Монтенегро, во Тиват започнува ESG Adria Самитот – најголемиот регионален настан посветен на темите за одржливост, инвестиции, иновации и економски развој.
Во текот на трите дена на самитот се очекуваат повеќе од 700 учесници, високи претставници, владини функционери, бизнис лидери, носители на одлуки, претприемачи и претставници на меѓународни организации од регионот и светот. Повеќе од 140 светски познати говорници, претставници на над 300 компании и над 60 млади лидери од регионот ќе имаат можност да ги презентираат најдобрите деловни практики и да дискутираат за одржлив развој, иновации и зелена транзиција.
Заменик-претседателот на Владата за економски развој, Ник Гјелошај, по тој повод изјави дека Црна Гора е горда што е домаќин на овој дијалог, затоа што, како што нагласи, „повеќе од кога било досега веруваме дека одржливоста не е само концепт – туку наша реалност, обврска и пат напред“.
Тој порача дека ESG не е список на желби туку оперативна политика, и потсети дека Владата во изминатиот период вложила многу напори во уредување на институционалниот и економскиот систем.
„Кога пред три години го започнавме ESG Adria Самитот, сакавме да отвориме простор за сериозен и конкретен разговор за иднината на регионот. Денес, гледајќи го бројот на учесници, длабочината на темите и квалитетот на дијалогот, сметам дека е јасно оти создадовме нешто што ја надминува класичната форма на конференција“, изјави Билјана Брејтвеит, извршна директорка на Sustineri Partners, организатор на ESG Adria Самитот.
Црна Гора е домаќин на ESG Adria Самитот третa година по ред, а како што истакна Брејтвеит, оваа година учесниците на настанот ќе отворат низа теми – од геополитичката ситуација и нејзиното влијание врз регионот, правната сигурност како клуч за економски просперитет и привлекување странски инвестиции, енергетската транзиција, па сè до вештачката интелигенција и иднината на трудот, одржливиот туризам и, секако, улогата на младите во трансформацијата на регионот.
„Како водечка дестинација на Јадранот, нашата цел е да бидеме предводници во интеграцијата на ESG практиките. Преку оваа конференција сакаме да ги собереме нашите партнери, закупци и клиенти, со цел заеднички да размениме знаења и искуства и дополнително да го унапредиме нашиот пристап кон одржливо работење. ESG повеќе не е само иднина – тој е сегашност и обврска. Нашата улога е да предничиме во одговорно управување со ресурсите и зачувување на природната и општествената средина“, изјави Предраг Лековиќ, директор за односи со влада и управување со имот во Порто Монтенегро.
„Universal Capital Bank со гордост го поддржува ESG Adria Самитот, затоа што веруваме дека одржливоста, одговорното работење и зелената транзиција се клучни за иднината на економијата. Како финансиска институција, свесни сме за нашата улога во обликувањето на одржливо општество и сметаме дека е наша одговорност да бидеме дел од таа промена. Дополнително, Црна Гора како домаќин на самитот испраќа силна порака до инвеститорите за нејзината посветеност на одржливиот развој. Тоа отвора нови можности за развој на пазарот, привлекување инвестиции и зајакнување на економијата“, изјави Милош Павловиќ, претседател на Управниот одбор на Universal Capital Bank, платинумски партнер на ESG Adria Самитот.
ESG Adria Самитот, кој ќе се одржи од 9 до 11 април во Тиват, е организиран од страна на Sustineri Partners и Порто Монтенегро, во партнерство со Владата на Црна Гора и под покровителство на Претседателот на Црна Гора.
ПР