Македонија
(Видео) Димитров: Околу 2 300 граѓани се заглавени низ светот, од понеделник хуманитарни летови
Од понеделник ќе почне организирањето на хуманитарни летови за граѓани кои се заглавени на аеродроми или граници во други земји. Министерот за надворешни работи, рече дека бројката на затечени граѓани варира, а досега е околу 2 300 лица низ целиот свет. Најпрво ќе се организираат летови од земјите каде има поголема концентрација на граѓани на кои им треба помош.
„Пред неколку дена МНР упати апел до нашите граѓани кои се затечени меѓу граници, на аеродроми кои се затвораат или се откажуваат летови, на кои им треба поддршка и помош од државата за да си дојдат дома. Направивме еден пресек, бројката варира, дел од луѓето успеваат, но се зголемува и евиденцијата, зборуваме за бројка околу 2 300 македонски граѓани низ целиот свет. Основната концентрација е на нашиот континент, во европските држави“, кажа Димитров.
Сите кои сакаат да се вратат во својата држава од одредена држава, мораат да се пријават на телефонските броеви или електронските пошти на дипломатско-конзуларните преставништва во земјите каде се наоѓаат.
„Ги повикувам сите граѓани кои се немаат пријавено на е-маил адресите и телефоните на дипломатско-конзуларните преставништва на државата во земјите каде се наоѓаат или во најблиското во соседната земја ако немаме во одредена земја, тоа да го направат до утре, недела до 18 часот, бидејќи мораме да имаме прецизна евиденција за да ги организираме овие летови“, додава Димитров.
Тој повтори дека ќе се формира и тело за да се зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин.
„На вчерашната владина седница разговаравме за ова прашање. Не задолжија нас и Министерството за транспорт и врски да организираме хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома и да се формира тело кое ќе организира задолжителен државен карантин и ќе го зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин. Врз основа на прописите за јавното здравје и борба против заразни болести, Владата одлучи сите граѓани кои ќе дојдат во поголеми групи, со хуманитарните летови, да бидат во задолжителен државен карантин, во траење од минимум 15 дена“, додаде министерот Димитров.
Министерот посочи дека се решава проблемот за престој во земјите дел од шенген-зоната.
„Во шенген-зоната рокот за престој во земјите дел од овој простор е 90 дена, упативме барање до сите земји, со оглед на објективната неможност на луѓето да го испочитуваат овој рок, да немаат проблем при пречекорувањето. Мислам дека ова ќе го решиме, дел од земјите веќе носат правни прописи“, соопшти Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

