Македонија
Државни објекти и хотели ќе се користат како карантин за повратниците во земјава
Државата ќе се погрижи да се обезбедат добри услови за повратниците од други земји, кои ќе мора да останат во државен карантин најмалку 15 денови. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вели дека засега рано е да се каже во кои објекти ќе бидат сместувани овие лица, но, ќе бидат од еден до двајца во соба.
„Владата формираше работно тело, каде е вклучен генералниот секретар на Владата и неколку министерства со свои членови. Ние ќе направиме се што може условите да бидат добри и да се грижиме за здравјето на луѓето кои ќе се враќаат. Така ќе биде организирано доставувањето на храна, дезинфекцијата, чистењето. Луѓето од државниот карантин ќе бидат еден до двајца во соба, меѓутоа рано е да се каже и колку е корисно да се каже каде тоа ќе бидат. Има државни објекти, има хотели во приватна сопственост кои се понудени на државата за вакви ситуации“, кажа Димитров.
Според него, важно е да се заштити здравјето на целото население, но и да се подигне капацитетот на државниот карантин, со оглед дека досега се знае дека околу 2300 лица се заглавени во држави ширум целиот свет.
„Важно е да го подигнеме капацитетот за државен карантин, да направиме се што можеме условите да бидат добри за здравјето на тие луѓе, за да го заштитиме здравјето на целото население“, посочи Димитров.
Претходно, министерот Димитров сооптши дека македонски државјани заглави во Истанбул одбиле да се качат на организиран лет на македонското Министерство за надворешни работи во договор со Црна Гора, откако им било кажано дека ќе бидат во задолжителен групен карантин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.

