Топ
Kривични пријави против 11 лица што не ги почитувале мерките за самоизолација
Полицијата поднесе кривични пријави против 11 лица што не ги почитувале препораките за епидемијата на коронавирусот. Битолската полиција поднесе кривична пријава против З. Т. (43), Т. Т. (41), Е. Т. (18) од Битола и М. А. (18) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. На 14 март З. Т. влегол во земјата преку Грција заедно со М. А и Е. Т., кои доаѓале од Италија, поради што сите потпишале изјава за самоизолација од 14 дена и примиле писмена наредба од Министерството за здравство. На 19.3.2020, при проверка од полициски службеници, пријавените заедно со Т. Т. биле затекнати надвор од домот, односно не се придржувале до изречените мерки од Министерство за здравство.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Х. С. (32) од Прилеп, кој на 17.3.2020 допатувал од ризична земја на граничниот премин Деве Баир, каде што потпишал изјава дека ќе ги почитува мерките и препораките за спречување пренесување на коронавирусот и добил наредба за самоизолација во својот дом во времетраење од 14 дена, но на 19.3.2020, при проверки на полициски службеници, пријавениот не бил пронајден во својот дом во с. Големо Коњари.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Д. К. (35) од Прилеп, кој на 17.3.2020 допатувал од ризична земја на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“, каде што потпишал изјава дека ќе ги почитува мерките и препораките за спречување пренесување на коронавирусот и добил наредба за самоизолација во својот дом во времетраење од 14 дена. На 19.3.2020, при проверки на полициски службеници, пријавениот не бил пронајден во својот дом на улицата Пере Тошев“.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против С. Л. (24) од с. Житоше, општина Долненикој, кој на 17.3.2020 допатувал од ризична земја на граничниот премин Деве Баир, каде што потпишал изјава и добил наредба за самоизолација во својот дом во времетраење од 14 дена, но на 19.3.2020, при проверки на полициски службеници, не бил пронајден во својот дом.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против Г. В. (42) од с. Возарци, Кавадаречко, кој на 19.3.2020, при проверка од полициски службеници, било констатирано дека иако потпишал изјава за самоизолација од 14 дена и примил писмена наредба издадена од Министерството за здравство, не се придржувал на изречените мерки за самоизолација.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против Б. С. (45) од с. Сирково, општина Росоман. На 19.3.2020, при проверка од полициски службеници, било констатирано дека иако на 18.3.2020 потпишал изјава за самоизолација од 14 дена и примил писмена наредба од Министерството за здравство, тој не бил пронајден дома.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против А. Н. (47) од с. Сопот. На 18.3.2020 во с. Сопот, при проверка од полициски службеници во домот на пријавениот, било констатирано дека иако на 17.3.2020 потпишал изјава за самоизолација од 14 дена и примил писмена наредба од Министерството за здравство, тој не се придржувал на мерките.
СВР Штип поднесе кривична пријава против В. Н. (32) од с. Звегор, Делчевско, кој на 17.3.2020 во 4.20 часот на граничниот премин Деве Баир допатувал од Словенија. При проверка во неговиот дом во селото Звегор полицијата не го пронашла дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Мировниот договор е 90 проценти завршен, но клучните десет, одлучуваат сè
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето новогодишно обраќање до нацијата изјави дека Украина сака крај на војната, но не по секоја цена. Тој нагласи дека нема да потпише „слаб“ мировен договор што само ќе го продолжи конфликтот, објави Ројтерс.
Седејќи во својата канцеларија со празнична елка во позадина, Зеленски во 21-минутен говор објавен непосредно пред полноќ рече дека Украинците се исцрпени по речиси четири години војна – подолго од германската окупација на многу украински градови во Втората светска војна.
Сепак, нагласи тој, тие не се подготвени да се откажат. „Што сака Украина? Мир? Да. По секоја цена? Не. Сакаме крај на војната, но не и крај на Украина“, рече Зеленски, облечен во традиционална украинска темнозелена кошула. „Дали сме уморни? Многу уморни. Дали ова значи дека сме подготвени да се предадеме? Секој што мисли така, длабоко греши“, додаде тој.
Зеленски предупреди дека секој потпис „ставен на слаби договори само поттикнува војна“. „Мојот потпис ќе биде ставен на силен договор. И тоа е она за што се однесува секој состанок, секој телефонски повик, секоја одлука сега“, рече тој. „Да се обезбеди силен мир за сите, не за еден ден, една недела или два месеци, туку мир со години“.
Според него, неделите дипломатија предводена од САД, вклучувајќи ги и неговите разговори со Доналд Трамп минатиот викенд во Флорида, резултираа со мировен договор кој е речиси финализиран. „Мировниот договор е 90% готов, остануваат 10%“, рече Зеленски. „Тие 10% содржат сè, тоа се 10% што ќе ја одредат судбината на мирот, судбината на Украина и Европа и како ќе живеат луѓето“.
Зеленски ги отфрли руските барања за целосно повлекување од Донбас како „измама“. „Дали некој сè уште им верува? За жал, да“, рече тој. „Бидејќи премногу често вистината се избегнува и се нарекува дипломатија, кога всушност таа е едноставно лага, облечена во деловни костуми“.
Македонија
Нов живот, нова надеж, малата Евгенија е првото родено бебе во Скопје, објави Ѓорѓиевски
Малата Евгенија е првото родено бебе во Скопје, објави на социјалните мрежи градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по посетата на мајката и го поздрави доаѓањето на новиот живот како симбол на надеж и радост.
„Точно на полноќ, кога новата година ги отвори своите врати, Скопје ја пречека најубавата вест – се роди Евгенија Камчева, првото бебе во нашиот град.
Нов живот, нова надеж и силен симбол за почеток исполнет со радост и вера во иднината.
Нека расте жива и здрава, среќна со своите родители, со успеси што ќе ја водат напред и со живот исполнет со љубов, достоинство и можности.
Нека расте во здраво и среќно општество, во град што ќе ѝ овозможи да сонува, да напредува и да верува.
Нека оваа година биде плодна и бериќетна, година на нови животи, насмевки и радост“.
Нека секое новородено дете биде наша заедничка надеж и обврска, да градиме подобра иднина, посигурна држава и посилно општество, напиша Ѓорѓиевски.
„Тоа е нашата должност и наша најголема одговорност.
Искрени честитки до мајката Емилија.
Посакувам здравје, среќа и многу успеси.
Добредојде, Евгенија. Ти си најубавиот почеток на новата година“.
Македонија
Наследството на Глигоров е патоказ за нашата борба: СДСМ оддаде почит на ликот и делото на Киро Глигоров
По повод 14 годишнината од смртта на првиот претседател на независна и суверена Македонија, Киро Глигоров, делегација на СДСМ, во состав: Љупчо Фармаковски организациски секретар, Рената Младеновска – членка на Извршниот одбор и Симона Цветановски – членка на Извршенодбор, оддаде почит и положи свежо цвеќе на неговото вечното почивалиште.
„Со длабока почит се сеќаваме на еден од најголемите државници во нашата историја, човекот кој со својата мудрост и визионерство ги постави темелите на современата и независна македонска држава.
Наследството на Глигоров е патоказ за нашата борба.
Вечна слава на претседателот Глигоров – Таткото на нацијата и вечна инспирација за сите нас“.

