Македонија
ВМР0-ДПМНЕ: Здравјето и економската егзистенција на граѓаните се доведени во прашање
„Здравјето, но и економската егзистенција на граѓаните се доведени во прашање со неодговорното и нестручно однесување на власта. Политикантството не смее да ги надвладее професионализмот и хуманоста кога е во прашање борбата за живот на нашите најмили.
Зоран Заев и неговите функционери не смеат да ги казнуваат работниците и администрацијата за своите пропусти“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, во овој период кога земјава се соочува со економска криза поради појавата на коронавирусот, најважно е да се применуваат мерки и да се донесуваат одлуки кои ќе помогнат економскиот пад да биде што поблаг и тоа да не се одрази на индустриските капацитети и стопанствениците преку отпуштање работници.
„Ситуацијата во којашто се наоѓа државата е загрижувачка. ВМРО-ДПМНЕ предлага да не се крати од платите на администрацијата поради тоа што постојат многу семејства кои едвај го поминуваат месецот. Доколку им се скрати од месечните примања тогаш тие ќе бидат на раб на егзистенција и ќе се соочат со проблеми. Најголеми носители на товарот треба да бидат функционерите, олигарсите и оние кои можат да поднесат тоа.
Поради тоа ВМРО-ДПМНЕ нуди неколку мерки и предлози кои Владата би можела да ги разгледа и усвои, меѓу кои: државата да покрие до 50% од бруто-трошоците за вработените, по основ на нето-плати и придонеси, а не само нето-плати како што предлага СДСМ. Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето патарина и царински давачки покрај тоа што се огромни трошоците на транспортните компании, а приходот е речиси еднаков на нула, патарините претставуваат сериозно место каде што може да настане ширење на оваа пандемија.Да се донесе одлука за укинување на сите давачки, царински и даночни, за набавка на здравствени маски, препарати и уреди потребни за справување со коронавирусот.
Покрај овие мерки, ВМРО-ДПМНЕ има план како да се прибават средства кои ќе бидат од помош во оваа ситуација.
Покрај 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, односно пасивниот капитал да се претвори во актива. Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи, односно околу 420 милиони евра. Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем. Кога овие средства ќе се додадат на оние веќе 600 милиони евра коишто планираме како држава да ги позајмиме доаѓаме до бројката од 1 милијарда, бројка што е доволна за граѓаните и стопанството првиот бран од кризата да не го почувствуваат катастрофално.
Република Македонија нема ниту време ниту простор за донесување погрешни одлуки. Владата треба да биде доблесна и да соработува во овие тешки моменти за македонската економија и македонските граѓани“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

