Македонија
Адвокати го обвинија Кривичниот суд дека врши директна повреда на мерките против коронавирусот
Седумдесет и четири адвокати го обвинија Основниот кривичен суд Скопје дека врши директна повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во Скопје. Адвокатите бараат итно да се преиспита одлуката на претседателот на Кривичниот суд за продолжување на 308 судења.
Тие велат дека не постојат услови за почитување на забраната за истовремено присуство на повеќе од пет лица на отворен простор.
„Многумина од нас покрај клиентите во овие предмети имаме и континуиран контакт и со други клиенти, така што ги изложуваме на ризик и клиентите и нивните семејства, но и нас самите и нашите семејства“, се наведува во известувањето испратено до Судскиот совет, Врховнот суд, премиерот, министрите за правда, за здравство и за внатрешни работи како и до сите амбасади во Република Северна Македонија
Според адвокатите, противправното и дискриминирачко постапување од страна на Основниот кривичен суд Скопје се гледа и во различниот третман кој се применува од страна на останатите судови на територија на Северна Македонија.
„Доколку се анализира Известувањето кое го објавил Кривичниот суд, во врска со рочиштата кои треба да се одржат во Кривичниот суд Скопје, ќе се забележи дека се работи за вкупно 308 рочишта меѓу кои има предмети со по 10, 15, 20 и повеќе обвинети кои на истите присуствуваат со еден или повеќе бранители, што претставува голем број лица во простории кои не се соодветно опремени, доволно пространи и за кои постојат сомнежи дали и како се дезинфицирани со потребните средства. Имено, судниците ќе бидат
посетени од најмалку 200 лица во еден ден и најмалку од 20 лица во една
судница истовремено“, велат адвокатите.
Во известувањето потпишано од 74 адвокати се наведува дека Кривичниот суд врши директна дискриминација врз нив како бранители и директно се загрозува нивното право на живот, кое, пак, е директно поврзано и со правата на живот на нивните семејства, односно постои неоправдан ризик по здравјето и животот на сите странки во постапките, нивните бранители и вработените во Судот.
„Заради таа цел, бараме правото на живот за нас и нашите клиенти да биде третирано со еднаков третман како и за останатите граѓани на Р Северна Македонија, како што тоа го налага член 9 од Уставот на Р Северна Македонија“, се вели во известувањето.
Велат дека речиси сите рочишта во изминативе 10 дена се одлагаат поради отсуство на странките во постапката заради почитување на мерките на Владата, но, како што велат, за жал поголем број лица доаѓаат на судските рочишта само да се констатира дека се одлага рочиштето, со што, како што наведуваат, повторно сме изложени на ризик.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.
Македонија
Одбраната во ера на брза технологија: Македонија дел од глобалната дебата за воена вештачка интелигенција
На покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на 3. глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој денес и утре се одржува во А Коруња, Шпанија.
Целта на овој Самит на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на ООН, претставници на меѓународни организации, академици, и други високи гости е зајакнување на глобалната свест за одговорен развој на вештачката интелигенција во воен контекст, притоа почитувајќи ги човековите права и меѓународното право.
Во рамки на Самитот, министерот Мисајловски оствари средба со својата колешка Роблес, на која беше истакната заедничката подготвеност за унапредување на билатералната одбранбена соработка и се разговараше за повеќе предлог заеднички активности и изготвување План за соработка меѓу двете земји.
Во оваа прилика министерот Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.
“Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска во развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста”, рече министерот. Додаде дека поканата за учество е доказ и за одличните билатерални одбранбени односи со Шпанија чие унапредување беше клучна тема на состанокот.
Мисајловски истакна дека нашата земја во ноември 2024 година беше првата земја-кандидат за членство во Унијата од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, и додаде дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност со ист интензитет ќе продолжи и во иднина.

