Македонија
Аеродром подели заштитни маски и ракавици во пензионерскиот дом и СВР – Скопје

Мобилни тимови на Општина Аеродром и Црвен крст денеска им поделија заштитни маски и ракавици на станарите на Домот за стари „Аеродром“, како и на дежурните вработени во СВР – Скопје.
Исто така, во Домот за стари беше поставен и држач со средство за дезинфекција, а во текот на вчерашниот ден таму беа дезинфицирани сите влезови.
Мобилните тимови на Црвен крст даваат поддршка на сите лица што не се во можност сами да се снабдат со прехранбени продукти и лекови.
Заинтересираните граѓани може да се јават на телефонскиот број 3 211 417 во периодот од 8:30 до 12:30 часот.
Досега помош побарале 20-ина семејства од општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фатени шверцери на луксузни автомобили, ОЈО Скопје бара притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за кривични дела – Криумчарење и Фалсификување исправи.
Како што се наведува во соопштението од ЈОРМ, станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриената шема на дејствија за криумчарење луксузни автомобили од странство преку фалсификување службени и други исправи. Дел од учесниците во оваа шема се претходно обвинети, против дел се веќе изречени пресуди, а за дел, се посочува, кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за тамошни државјани.
-Со акцијата реализирана вчера под координација на јавен обвинител, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, поттикнал и организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага. Притоа искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото. Втората осомничена, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага. Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава, наведуваат од Обвинителството.
Третиот осомничен, се додава, е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.
Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи.
За тројцата осомничени за криумчарење надлежниот јавен обвинител до судот поднесе предлог за определување мерка притвор. За едниот од нив кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, се наведува во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани

Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„За неколку години, оваа фирма доби над 200 милиони евра во тендери, а дел од тие пари потребно е да се истражат дали завршиле во фирмите на Заев и Филипче во Бугарија. Поради сиве овие местенки и испумпувања на буџетот, како и заштита од поединци од судството на Заев и Филипче, сопственикот на Марковски компани доби куќен, наместо затворски притвор.
Една од историско најголемите зделки во РЕК и ЕСМ, ја добила токму Марковски компани, од неверојатни 46 милиони евра.
Иако, на овој тендер се пријавиле и други фирми со 30% пониска цена, Заев и Филипче овој тендер му го доделиле на Марковски компани.“, се вели со партиското соопштение.
Прашањето кое остана неодговорено е каде завршиле овие дополнителни 30% средства, односно во бројка околу 14 милиони евра? Дали овие 14 милиони евра завршиле на сметка на фирми на Заев и Филипче во Бугарија? Зошто Заев и Филипче молчат?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„На ваков начин СДС работеше долги година на власт. Тендери си делеа неколку луѓе од врвот, како Заев и Филипче, а потоа си ги делеа и си инвестираа во фирми. Од друга страна, беа заштитени од страна на судството и обвинителството, кое тие го држат под контрола. Затоа, ги повикуваме граѓаните, да го поддржат бројот 9, и да го направат вистинскиот избор. Со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина“, завршуваат од владејачката партија.
Македонија
Последна седмица од кампањата за локалните избори 2025

На една седмица од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжуваат со претставување на своите програми и кандидати пред граѓаните. Денеска се најавени митинзи и директни средби во повеќе општини низ државата.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги претстават своите кандидати во Чучер-Сандево, Свети Николе и Штип, додека СДСМ има најавено активности во Ново Село, Босилово, Василево, Радовиш и во Струмица.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се обрати на прес-конференција што ќе се одржи во 10:30 часот во неговиот Штаб наспроти „Тренд“ во центарот на Скопје.
Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата ќе даде изјава за медиумите во Градски парк кај Кермез во 11:30 часот.
Со почеток во 12:00 часот, кандидатот на Вреди за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, ќе одржи прес – конференција во неговиот изборен штаб на плоштад Скендербег.
Прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје денеска напладне ќе одржи потпретседателот на Демократската унија за интеграција Арбер Адеми на која ќе се обратат и кандидатот за градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, и кандидатот за градоначалник на Јегуновце, Насир Абази.
Кампањата официјално завршува на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.