Свет
(Видео) Кинезите се борат против коронавирусот со тунели за дезинфекција
Кинезите се борат против коронавирусот на различни начини, а еден од нив се и тунелите за дезинфекција, пишуваат кинеските медиуми.
Досега два такви тунела се поставени во Чонгкинг и ги користат работниците пред да заминат на работа.
Весникот „Саут Чајна морнинг пост“ наведува дека во тунелите се вградени инфрацрвени детектори кои автоматски активираат спреј во моментот кога некое лице ќе влезе во тунелот.
Процесот на дезинфекција во овие тунели трае 20 секунди.
Инаку, работниците се дезинфицираат и во Пекинг, иако на поинаков начин, со помош на средства за дезинфекција и антисептици.
Покрај тоа, во Пекинг секојдневно се дезинфицираат 405 метростаници, каде што се чистат подовите, клупите и ескалаторите.
На секој патник му се мери температура пред да влезе во станицата, пренесуваат кинеските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Објавени резултатите од пописот во Црна Гора
Според резултатите од пописот одржан во декември минатата година, најмногу граѓани на Црна Гора се изјасниле како Црногорци – 41,12 отсто (256.436). По нив следат Србите со 32,93 отсто (205.370), додека 9,45 отсто од граѓаните (58.956) се изјасниле како Бошњаци.
4,97 отсто од граѓаните (30.978) се изјасниле како Албанци, 2,06 отсто (12.824) како Руси, а 1,63 отсто (10.162) како муслимани.
Пописниот процес беше спроведен од 3 до 28 декември минатата година, откако неговиот почеток беше неколкукратно пролонгиран поради барањата на опозицијата и советите на помалкубројните народи да исполнат одредени услови за негово спроведување.
Според прелиминарните резултати од пописот, во Црна Гора живеат 623.158 жители, што е за два отсто повеќе од 2011 година.
Според пописот од 2011 година, Црногорците биле, исто така најмногубројни. На тој попис 0,33 отсто од граѓаните се изјасниле како Срби-Црногорци (2.103), како Египќани исто така 0,33 отсто (2.054), а како Црногорци-Срби 0,29 отсто (1.833).
Кога ќе се споредат резултатите од пописот одржан минатата година и оној од 2011 година, може да се види дека има 22.429 помалку Црногорци и 27.260 повеќе Срби.
Споредбата покажува и дека бројот на Бошњаците се зголемил за 5.351, Албанците за 539, а Русите од 946 на дури 12.824.
Бројот на оние кои национално се декларирале како муслимани е преполовен, односно е помал за 10.375.
Свет
Силен земјотрес го погоди Мароко
Силен земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала го погоди Мароко, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на 25 километри од градот Азру, на длабочина од 12 километри.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Свет
Викторов: Се надеваме дека Израел ја разбира опасноста од напад на руските војници во Сирија
Москва цврсто го осудува неодамнешниот напад на Израел врз Дамаск и повикува на почитување на територијалниот суверенитет на Сирија.
Русија верува дека Израел ја разбира опасноста од нанесување штета на руските војници во Сирија и за тоа ги известила израелските власти, изјави рускиот амбасадор во Тел Авив, Анатолиј Викторов, пренесува Спутник.
„Веруваме дека командата на израелските одбранбени сили е целосно свесна за опасноста од закана по животот и здравјето на нашите војници. Преку соодветните канали ја пренесовме нашата длабока загриженост за дејствијата на израелските вооружени сили“, истакна амбасадорот.
Дополнително, дипломатот истакна дека Израел останува важен партнер за Русија на Блискиот Исток.
Викторов подвлече дека Москва секогаш тргнува од потребата да ги изнесува своите ставови и да разговара за меѓусебната загриженост, а не да оди по патот на ескалација на дипломатските односи.
Претходно беше објавено дека Москва силно го осудува неодамнешниот израелски напад врз Дамаск и повикува на почитување на територијалниот суверенитет на Сирија.