Македонија
Единаесет фирми треба да вратат над 34 милиони денари во случајот „Транспортер“
Единаесет правни субјекти треба да вратат над 34 милиони денари во случајот „Транспортер“, пресуди Кривичниот суд. Судијката Добрила Кацарска потенцира дека доколку овие фирми немаат имот, побарувањата ќе се наплатат со конфискување на имотот на осудените во случајот.
Од правните лица, имотната корист, која е прибавена со кривично дело од вкупен износ од 34 милиони, 224 илјади и 179 денари, се конфискува, и тоа:
„Oд друштвото за превоз на патници ‘Боби турс’ увоз-извоз ДООЕЛ Битола износ од 3 милиони, 26 илјади и 242 денара. Од друштвото за транспорт и трговија ‘Гопеш транс Јорго’ увоз-извоз ДООЕЛ Битола износ од 74 илјади и 934 денари, од патничкиот сообраќај ‘Транспорт’ АД Битола износ од 9 милиони, 832 илјади и 175 денари, од друштвото за трговија и услуги ‘Хера турс’ увоз-извоз ДООЕЛ Битола износ од 8 милиони, 61 илјада и 400 денари. Од друштвото за производство, трговија, шпедиција, туризам и услуги ‘Џим турс’ увоз-извоз ДООЕЛ Бистрица износ од 5 милиони, 287 илјади и 499 денари.
Од друштвото за превоз, услуги, производство и трговија ‘Д и А-Хера транс’ ДООЕЛ увоз-извоз Битола износ од 695 илјади и 611 денари. Од друштвото за трговија и услуги ‘Славица Стојчевска ДПТУ Лука експрес’ ДООЕЛ Битола износ од 2 милиона, 832 илјади и 906 денари. Од друштвото за производство, трговија и услуги ‘Марија транс’ увоз-извоз Битола износ од 1 милион, 537 илјади и 774 денари. Од друштвото за туризам, сообраќај и трговија ‘Турист превоз’ ДОО увоз-извоз село Бистрица износ од 628 илјади и 939 денари.
Од друштво за услуги, превоз и трговија ‘Хера превоз Новка’ ДООЕЛ увоз-извоз Битола износ од 697 илјади и 075 денари. И од друштвото за сообраќај и трговија ‘Џими турс’ увоз-извоз Битола износ од 1 милион, 477 илјади и 562 денара“.
Доколку не е можно од правните лица да се конфискува прибавената имотна корист, таа ќе се конфискува од сторителите на кривичните дела, соопшти судот.
Судечкиот совет во случајот „Транспортер“ донесе пресуда со која го осуди ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, на 8 години затвор за проневера на речиси 360.000 евра заедно со уште 20 лица, кои се прогласени за виновни за разни кривични дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

