Македонија
Министерството за здравство со совети како да го заштитиме менталното здравје во време на коронавирус
Карантинот, изолацијата и социјалното дистанцирање се мерки што докажано го забавуваат ширењето на Ковид-19 и ни помагаат да го заштитиме јавното здравје. Но, не треба да заборавиме за време на овие кризни ситуации да го негуваме и менталното здравје.
Еден од советите е да следиме проверени информации и да избегнуваме постојано да следиме вести или социјални медиуми.
„Земето го предвид степенот на ризик за вас и другите. Луѓето на социјалните медиуми и некои од традиционалните медиуми имаат поинакво видување за ризикот во вакви ситуации, со голема веројатност да е неточен и непроверен.
Најдобро што може да направите е да следите проверени информации и да бидете во тек со случувањата. Доколку следите интернет-портали или разберете за нова информација, проверете го изворот на информација за да се осигурите дека е од соодветно државно/ здравствено тело или агенција.
Притоа избегнувајте постојано да следите вести или социјални медиуми бидејќи тоа може дополнително да ја ви зголемува вознемиреноста. Поради тоа, ограничете го приливот на разни информации до вас и особено до вашите деца.
За информации поврзани со вашата здравствена состојба или за блиските, консултирајте се со вашиот лекар и одговорниот медицински персонал. Доколку е потребно, проверете дали ваквите консултации може да ги правите телефонски или преку интернет-конекција (на пример, „Скајп“, „Вибер“, „Месенџер“…)“, советува Иво Куновски, магистер по клиничка психологија.
„Во услови на социјална дистанцираност, карантин и изолација луѓето може да доживеат разни непријатни мисли и чувства. Очекувано е и нормално да се почувствуваат страв, вознемиреност и загриженост за сопственото здравје и здравјето на блиските. Често може да се развие незадоволство од членовите на семејството или пријателите, кои се принудени да бидат во карантин поради контакт со лице заболено од вирусот.
Зголеменото внимание за себе или редовното следење на вашето здравје од медицински персонал исто така може да предизвика непријатност и нетрпеливост. Дополнителна грижа може да претставува и земеното работно отсуство, намалениот прилив на финансиски средства, работната несигурност, како и предизвикот во обезбедување основни прехранбени и хигиенски продукти при лимитирано движење.
Често забележани чувства, кои се развиваат во вакви ситуации, може да вклучат: загриженост за способноста да ги извршувате секојдневните обврски со децата и старите, несигурност за ситуацијата и иднината, осаменост поради одвоеноста од блиски, лутина за немарноста на другите, досада поради лимитираниот број активности, намалено расположение, намален или зголемен апетит, прекумерно или недоволно спиење, како и прекумерна употреба на алкохол и цигари. Ова се вообичаени реакции на невообичаени настани за кои сепак можеме да преземеме нешто“, вели Иво Куновски, магистер по клиничка психологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

