Економија
(Видео) Славески: Мерките на Владата се конфузни и задоцнети

Поранешниот министер за економија и професор, Трајко Славески, смета дека предложените мерки на Владата поради кризата со епидемијата на коронавирусот треба да се преиспитаат со цел да се намали ударот врз граѓаните и стопанството. Тие, според него, се недоречени и конфузни.
„Колку претпријатија и вработени ќе ги задоволат поставените услови и критериуми за користење на мерката поддршка во износ на минималната плата?
Нашите процени се дека бројот на лица што ќе имаат можност да ја користат оваа мерка ќе биде многу мал. Нема да може да ја користат фимите и вработените во најпогодените сектори, каде што помошта на државата е најпотребна. Тоа се дејностите за сервисни услуги со храна и сместување (секторот уготителство и туризам), каде што, според последните податоци од Државниот завод за статистика, се ангажирани речиси 33.000 вработени. Кон ова треба да се придодадат големиот број вработени во трговијата, кои моментно не работат. Исто така, во мерките не видовме помош и поддршка на самовработените и за занаетчиите. Тие се соочуваат со големи проблеми и ставаат клуч на врата.
Владата предлага поддршка на претпријатијата од приватниот сектор за исплата на плати почнувајќи од април, кои во џебовите на граѓаните треба да стигнат во текот на првата половина од мај, а економската криза предизвикана од ширењето на новиот коронавирус наголемо ја пустоши македонската економија. Во моментот десетици, ако не и стотици илјади граѓани, се загрижени дали ќе имаат средства за живот во април затоа што илјадници компании престанаа со работа.
Како што е познато, нашиот предлог е субвенциите за исплата на плати кај погодените сектори од кризата во висина од 50 отсто од бруто-платата или 70 до 80 отсто од нето-платата да се покриваат од државниот буџет уште со исплатата на мартовската плата. Роковите за исплата на платите за март веќе течат. Денеска сме 1 април, а 15 април е крајниот законски рок.
Препорачуваме да се направи итна прераспределба на средствата во државниот буџет. Повеќе средства за здравството, а помалку за непродуктивни трошења. Секоја институција во јавниот сектор одделно да направи кратење на непродуктивните средства по конта и тие јавно да ги објави со цел потврдување (или не) на искрените намери на оваа Влада во насока на заштеди во буџетот. Ова да го направат и акционерските друштва во целосна државна сопственост и јавните претпријатија на централно и локално ниво. Препорачуваме забрзување во извршување капитални проекти за кои е обезбедено финансирање, а со цел да се зголеми економската активност“, порача Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.
Економија
Гувернерот Славески се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД: истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки

Во рамките на 95-тото генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, Швајцарија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД), Џером Пауел.
На средбата беше истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки како основа за ефикасна монетарна политика, насочена кон ценовната и финансиската стабилност. Се разменија мислења за светските предизвици и за потребата од соработка помеѓу централните банки, соопшти Народната банка.
Гувернерот Славески ја нагласи важноста на постојаната комуникација со водечките монетарни институции и на размената на искуства како значаен придонес за стабилен и отпорен финансиски систем.
Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.