Македонија
Еднократна парична помош за 55 семејства во општина Центар

Комисијата за социјална и здравствена заштита на Општина Центар одржа електронска седница за доделување финансиска еднократна помош за социјално загрозени семејства и лица жители на општина Центар, кои имаат лоша здравствена состојба.
Овие финансиски средства се одобрени врз основа на пристигнати барања од страна на жителите на општината.
„Со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат овие лица, 55 семејства со итна социјална и здравствена потреба ќе добијат еднократна финансиска помош од Општина Центар со вкупен износ од 555.000 денари“, изјави градоначалнкот Саша Богдановиќ.
Покрај овие вонредни мерки, Општина Центар во соработка со невладината организација Банка за храна и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“ се мобилизираа заради обезбедување помош и донација на семејствата што живеат во социјален ризик, нехумани услови и секојдневна борба со сиромаштијата. Мобилните тимови, почитувајќи ги сите мерки на претпазливост и заштита од Ковид-19, им доставуваат пакети прехранбени продукти, медикаменти и други неопходни средства до нивните домови.
Помош и поддршка им се дава на сите стари и изнемоштени лица над 60 години, кои се жители на општина Центар. За да не се изложуваат на дополнителна опасност и како најзагрозени и во најголем ризик од коронавирусот, мобилните тимови секојдневно се на терен за да им ја обезбедат потребната помош на овие лица.
Отворен е јавниот повик за доделување субвенции за проектот „Сервис за стари лица“ за жителите на Центар, кои се постари над 60 години.
„Би сакал да апелирам до сите хумани граѓани и општествено одговорни компании да се вклучат во хуманитарните акции и заеднички да им помогнеме на нашите сограѓани. Сите заинтересирани може да ни се обратат на телефонскиот број 076 313 383“, изјави градоначалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема недопирливи и заштитени поединци

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, времето „како до сега“ заврши, и почитувањето на законите и процедурите е правило кое секој треба да го почитува. Во партиското соопштение се наведува дека нема недопирливи и заштитени поединци под политичка закрила, ниту предмети во фиока и заташкувања на случаи.
Како пример, се посочува случајот со бившиот началник од Демир Хисар, кој беше експресно разрешен поради недолично однесување при извршување на работните активности, а против него е покрената и дисциплинска постапка.
Во соопштението се нагласува дека ваков пристап на неселективност и санкционирање на самоволието и кршењето на законот немало во времето на Заев, Спасовски и Ахмети, кога се апсеа само политички неистомисленици, додека криминалците и локалните шерифи од нивните редови биле заштитени.
Се наведува дека тогашните служби покажувале сила единствено кон политичари од спротивниот табор, користејќи апсења во раните утрински часови, влегувања по домови без судска дозвола и политички терор.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека сега, согласно закон и процедура, секој кој ќе се огреши ќе одговара без разлика на позицијата што ја извршува.
Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)