Македонија
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп предлага мерки во корист на угостителите
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата до Советот на Општина Прилеп предлага низа конструктивни мерки, кои ќе бидат од огромна корист за угостителските објекти, занаетчиите, дуќанџиите во чаршијата, но и сите други погодени стопански субјекти, како и граѓаните што губат работни места, со цел справување со економската криза.
1. Предлагаме намалување од 50 отсто на данокот за имот за тековната 2020 година, како и 50 отсто на данокот за наследство и подарок;
2. Целосно ослободување од плаќање фирмарина на деловните субјекти за 2019 и 2020 година;
3. Целосно ослободување од надомест за користење јавен простор пред деловните простории (вклучително и летните тераси пред угостителските објекти до крајот на 2020 година);
4. Предлагаме и намалување од 50 отсто на сметките за вода и комунални услуги за најпогодените физички и правни лица во период од 6 месеци;
5. Во периодот додека трае кризата, да се раскинат сите договори на дело на лицата ангажирани преку агенции за привремени вработувања, авторски договори и слично, мерка со која ќе се заштедат околу 10 милиони денари;
6. Предлагаме и укинување на сите непродуктивни трошења на локалната самоуправа и јавните претпријатија, вклучително и на средствата предвидени за репрезентација, како и рационално и ограничено користење на возниот парк на институциите. На овој начин ќе се заштедат цели 5 милиони денари.
Ова се мерки што ќе значат заштеда на голема сума пари, но истовремено и ќе обезбедат дополнителни парични средства за граѓаните и стопанските субјекти во справувањето со оваа глобална пандемија.
Предлагаме мерки што во овој период, кога сите угостителски објекти не работат, кога речиси целата чаршија е затворена, а некои од граѓаните остануваат без работа, ќе значат надеж дека некој се грижи за сите.
Со оглед на тоа дека пандемијата зеде замав во Прилеп и бројот на заболени од коронавирусот секојдневно се зголемува, ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка структура комплетно ги става на располагање сите свои човечки капацитети на локалната самоуправа, а со цел заштита на здравјето на граѓаните и што поефикасно справување со оваа глобална опасност.
Ова е време кога е потребна солидарност, кога секоја подадена рака е добредојдена, кога секоја понудена помош треба да се прифати и кога треба да заборавиме на егоизмот и политичкото профитирање“, велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

