Свет
Европол: Криминалците се приспособуваат и ја користат појавата на коронавирусот
Европската полиција Европол објави извештај во кој се тврди дека криминалците се приспособуваат на новонастанатата ситуација и ја користат појавата на новиот коронавирус Ковид-19 во своја корист преку компјутерски криминал, измама и фалсификувани медицински материјали, пренесува „Брејтбарт“.
Агенцијата во својот извештај за март 2020 година посочува дека криминалците во Европа ја користеле појавата на вирусот за да извршат фишинг-напади на електронска пошта и да инсталираат злонамерен софтвер кај жртвите што бараат информации за медицински материјали и за коронавирусот.
Европол исто така предупреди за зголемениот ризик за злоупотреба на децата преку интернет:
„Ова е во согласност со објавите во означените форуми и групи од сторители кои се радуваат на можностите да стапат во контакт со децата за кои очекуваат дека ќе бидат поранливи поради изолацијата, намалениот надзор и поголемата изложеност на интернет“.
Овој месец беше забележан и компјутерски напад врз болница во чешкиот град Брно, кој ја принуди болницата да ги одложи операциите и да ги испраќа пациентите во други болници.
Измамена е уште една голема област во која криминалците се обидоа да ја искористат јавноста, а Европол вели дека измамниците веројатно ќе се обидат да ја искористат ситуацијата и кога ќе заврши пандемијата.
Европол исто така предупреди на ширење фалсификувани производи, особено медицински материјали, велејќи:
„Продажбата на фалсификувани или производи со супстандарден квалитет е во подем во пандемиската економија онлајн и офлајн.“
„Постои особено голема побарувачка за одредени видови здравствени услуги и санитарни производи (маски, ракавици, средства за чистење, фармацевтски производи), што создаде значителен пазар за фалсификаторите, измамниците и профитерите“, додава Агенцијата.
Иако не се фалсификувани, маски со супстандарден квалитет произведени во Кина и други неквалитетни медицински материјали се забележани во Шпанија и Холандија во последните неколку недели.
Шпанија доби илјадници комплети за тестирање од Кина, но откри дека првата серија од 9.000 теста не функционира, а Холандија беше принудена да повлече 600.000 неисправни маски, што неодамна беа увезени од Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во САД укината универзалната препорака за вакцинација против хепатит Б за новороденчиња
Американските советници за вакцинација ја укинаа долгогодишната препорака сите новороденчиња во САД да ја примаат вакцината против хепатит Б веднаш по раѓањето. Наместо тоа, вакцината ќе се дава само на бебиња чиишто мајки (помалку од 1 отсто) се позитивни на вирусот.
За останатите новороденчиња, комитетот одлучи лекарите и родителите самостојно да одлучуваат кога ќе започне вакцинацијата, со препорака првата доза да се даде пред детето да наполни два месеца.
Јавноздравствени експерти и медицински здруженија ја критикуваа одлуката, предупредувајќи дека може да го загрози напредокот постигнат од 1991 година, кога рутинската вакцинација драматично го намали бројот на заразени деца.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), со новото раководство назначено од министерот Роберт Ф. Кенеди Џуниор, ќе ги користи препораките за изработка на јавноздравствени упатства. Стручњаците предупредуваат дека ставањето акцент на „изборот на родителите“ е главен аргумент на противниците на вакцините.
Светската здравствена организација и понатаму препорачува сите новороденчиња да се вакцинираат што е можно побрзо по раѓањето, бидејќи 95% од заразените бебиња развиваат хроничен хепатит.
Свет
Администрацијата на Трамп смета дека Европа е во ризик од цивилизациско бришење
Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и можеби еден ден ќе го загуби статусот на сигурен сојузник на САД, смета администрацијата на Доналд Трамп во голем стратегиски документ, што предизвика бурна реакција од Европејците, пишува „Ројтерс“.
Новата Стратегија за национална безбедност, објавена на веб-страницата на Белата куќа во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, ја осуди Европската унија како антидемократска и наведе дека целта на САД треба да биде да ѝ помогнат на Европа да ја исправи својата моментална траекторија.
Документот ги обвини европските влади за „поткопување на демократските процеси“, вклучувајќи ги напорите – како што се наведува – да се спречи наводната волја на европската јавност да се стави крај на војната во Украина.
„На долг рок, повеќе од веројатно е дека во рок од неколку децении, одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“, стои во документот.
„Затоа, отворено е прашањето дали тие ќе го гледаат своето место во светот или својот сојуз со САД на ист начин како оние што ја потпишаа НАТО-повелбата.“
Во документот од 33 страници, со вовед што го потпишал Трамп, се наведува дека Европа е во економски пад, но дека нејзините „вистински проблеми се уште подлабоки“. Меѓу нив се истакнати „активностите на ЕУ кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, миграциските политики кои го трансформираат континентот, цензурата на слободата на говор и сузбивањето на политичката опозиција како и губењето на националните идентитети“.
Во текстот се додава: „Ако сегашните трендови продолжат, континентот ќе биде непрепознатлив за 20 години или помалку“, пренесе „Индекс“.
Реагирајќи на објавата на документот, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека САД остануваат клучен безбедносен сојузник, но дека „прашањата за слободата на изразување или организирањето на нашите слободни општества“ не спаѓаат во таа категорија.
„Сметаме дека сме способни самите да разговараме за овие прашања и дека не ни е потребен надворешен совет“, порача тој.
Додека Трамп бара крај на војната во Украина, документот ги обвинува Европејците за слабост. Иако имаат „значајна предност во тврда моќ“, се наведува, многумина на континентот „ја сметаат Русија за егзистенцијална закана“.
Се нагласува дека „клучен интерес на САД е да преговараат за брз прекин на непријателствата во Украина“, но дека Вашингтон е „во судир со европски функционери кои имаат нереални очекувања од војната, сместени во нестабилни малцински влади, од кои многу ги газат основните демократски принципи за да ја сузбијат опозицијата“.
Свет
Ројтерс: САД очекуваат Европа да преземе поголем дел од одбранбените обврски до 2027 година
Американската администрација поставила јасен стратешки рок за своите европски сојузници во НАТО. Според меѓународната новинска агенција Ројтерс, повикувајќи се на извори, САД очекуваат Европа да го преземе најголемиот дел од одбранбените одговорности на алијансата до 2027 година.
Тоа особено се однесува на клучните области како што се извидување и распоредување ракетни системи. Според пишувањето на новинската агенција, анонимни американски функционери веќе ги известиле своите европски колеги дека, доколку овој услов не се исполни, Вашингтон може да го преиспита своето учество во неколку механизми за координација на одбраната во рамките на НАТО.
Публикацијата исто така укажува дека тековните напори на европските земји да го зголемат сопствениот одбранбен потенцијал сè уште не ја задоволуваат американската страна.
Овој скептичен став се огледува и во новата Стратегија за национална безбедност на САД, која, според Ројтерс, напоменува дека денес „не е сосема јасно“ дали Европа ќе има доволно силна армија и одржлива економија за две децении.
Во тој контекст, бројни експерти, како што претходно е наведено во аналитичките материјали, ја гледаат желбата на САД да ѝ го пренесат на Европа правото на сопствена одбрана како потенцијален чекор кон формирање посебен воен блок.
Таквите активности, според аналитичарите, би можеле да бидат дел од подготовките за конфликт од големи размери, во кој Америка настојува да избегне директно учество во рамките на постојните обврски на НАТО алијансата.

