Македонија
Компаниите од ТИРЗ со 21 предлог на седницата на Економскиот совет

Компаниите кои работат во Технолошко индустриските развојни зони, и други странски компании, доставија 21 предлог со кои сметаат дека нивната работа ќе биде поефикасна, а воедно ќе се поедностават одредени административни процедури, на седница на Економскиот совет, со која претседаваше заменикот-претседател на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
Покренати се иницијативи од областа на одредени услуги кои се овозможуваат да ги користат компаниите во технолошко-индустриските развојни зони, натамошно унапредување во делот на меѓународните трговски договори на Македонија, како и работењето во индустриските – зелени зони лоцирани во општините.
Овие теми се дополнување на главните тематски области на досега одржаните седници кои беа од областа на животна средина, особено во делот на решавање на различен вид отпад, царинското работење во и надвор од технолошко-индустриските развојни зони, работните односи, образование и обука, мерки на вработување на работна сила, финансиско и девизно работење, меѓународен сообраќај, работни дозволи и престој на странци.
Овие иницијативи се особено важни за работата на самите компании, но од нив произлегуваат и измени на легислативата со која се унапредуваат бизнис условите за сите странски компании или дел од компаниите од исти индустриски гранки.
Пешевски посочи дека компаниите кои функционираат во Технолошко индустриските развојни зони и другите странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата. Според плановите за развој на компаниите бројот на вработени во овие компании во наредниот период ќе достигне 34.000 лица, извозот од година во година е се повисок, а дополнителна добивка е што структурата на извозот се менува во позитивна насока и се повеќе се извезуваат производи со повисока додадена вредност, соопштија од Кабинетот на Пешевски.
На оваа седница на Економскиот совет освен претставници на странските компании, за првпат, присуствуваа и претставници на две домашни компании Хај Тек Асембли Центар и Технопласт, кои ги започнаа своите инвестициски проекти во Технолошко индустриската развојна зона во Скопје.
На досегашните седници, вклучувајќи ја и оваа, компаниите доставија над 100 предлози и ининцијативи, од кои целосно се имплементирани околу 70 отсто, а останатите се во тек на реализација.
На седницата присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, гувернерот на Народна банка Димитар Богов, замениците министри за економија Христијан Делев, за земјоделство, водостопанство и шумарство Ванчо Костадиновски и за труд и социјална политика Диме Спасов, Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, како и претставници од органите на државната управа за кои се однесуваат дел од иницијативите предложени на седницата./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.