Македонија
Филипче до здравствените работници: Вашиот труд и пожртвуваност спасуваат животи
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешниот Меѓународен ден на здравјето им оддаде признание на здравствените работници за клучната улога која ја имаат тие во здравствената нега и грижата за нашето здравје.
„Ова обраќање ви го посветувам на вас, здравствените работници. Во овие моменти, исправени пред најголемиот светски здравствен предизвик ја водиме битката на нашата генерација.
Коронавирусот од корен го измени нашето секојдневие и ќе направи трајни промени во нашите животи. Но, во оваа битка вие сте хероите. Вашиот труд и пожртвуваност спасуваат животи и токму заради вас луѓето веруваат дека ќе бидат безбедни и здрави.
Сега, здравството и здравствените работници се клучниот столб во државата. Знам дека во моментов носите огромен товарот. Заморот полека нè стига сите, а нè чекаат уште тешки денови. Но јас верувам дека секој од вас знае колку е важно да издржиме, да останеме посветени, сконцентрирани и да дадеме сè од себе да им помогнеме на нашите сограѓани.
Драги колеги, сега е многу важно да се грижите за себе и за своето здравје. Вие сте први на удар на вирусот и морате да се штитите. Без исклучок, штитете се на работното место, но и надвор од него. Грижете се за себе, за да можете и натаму да се грижите за пациентите.
Овој ден е ваш ден, вие сте на пиедесталот. Бидете горди на тоа што го работите, на тоа кои сте и колку сте значајни за секој од нас. Ви го честитам денот на здравјето и здравствените работници и искрено ви благодарам за сè што правите да ја надминеме кризата.“
Во моментот во земјава покрај своите редовни задачи, сите здравствени работници и здравствениот систем се мобилизирани за справување со коронавирусот и зачувување на јавното здравје“, се вели во обраќањето на министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

