Регион
Словенија поставува ограда со жилет-жица на границата со Хрватска

Словенечката влада потврди дека планира да постави дополнителни 40 километри „противмигрантска“ ограда на јужната граница со Хрватска до крајот на годинава, но поради тајноста на постапката, не открива на кои места точно ќе биде, ниту во кој временски период ќе се направи, пишува љубљанско „Дело“.
„Полицијата со цел да ги спречи нелегалните премини и да ги насочи овие миграции, поставува привремени гранични пречки во согласност со заклучоците на владата, кои се чуваат во тајност затоа што се важни оперативни податоци“, изјави за „Дело“ словенечкото Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека откривањето на податоците ќе наштети на работењето на органите.
Според ХРТ, не е тајна дека владата поставила план до крајот на годината да постави уште 40 километри панелна ограда со т.н. V-надградба заедно со сегашните 196 километри ограда спрема границата со Хрватска, од кои 116 километри се ограда со жилет-жица и 80 километри панелна ограда, пишува словенечкиот весник.
Владата на премиерот Јанез Јанша, пак, вели дека ова не е нова јавна набавка за дополнителна ограда, туку исполнување на договорот потпишан со една компанија од Србија во август 2019 година од претходната влада на Марјан Шарец.
Новиот министер за внатрешни работи, Алеш Хојс, потврди дека се планира поставување ограда спрема Хрватска, толкувајќи го тоа како потреба за заштита на Словенија од потенцијални илегални мигранти, особено од БиХ, каде што илјадници мигранти се сместени во несоодветни центри, а не е познато дали можеби биле заразени со коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Масовна евакуација на туристи поради пожар на Крит

Голем пожар во Грција продолжува да беснее во источниот дел од островот Крит, откако избувна вчера попладне во тешко пристапна шумска област во близина на општината Иерапетра.
Пожарот го поттикнуваат ветрови со сила на ураган што достигнуваат до ниво осум степени според Бофортовата скала, што предизвикува брзо ширење кон југ и закана за станбени згради, туристички сместувачки капацитети и клучна инфраструктура, вклучително и бензинска пумпа.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Според службите за итни случаи, пожарот во моментов се шири на најмалку 6 километри, што го отежнува неговото локализирање. Густ чад зафатил поширока област, а видливоста на некои места е намалена на речиси нула.
Чадот се проширил дури до плажата Макри Гиалос, каде што пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот.

A wildfire at Ierapetra, on Crete island, Greece, 02 July 2025. A large wildfire erupted in the afternoon in an agro-forested area in eastern Crete, at the Ahlia site in Lasithi prefecture, with authorities later issuing an alert to local residents to evacuate towards Ierapetra. A total of 155 firefighters were dispatched to the scene, operating 38 vehicles, while two water-dropping aircraft assisted. EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Главниот пат во близина на населбата Агиа Фотија беше затворен за сообраќај, а полицијата ги повика жителите и туристите да избегнуваат секакви непотребни патувања поради исклучително лошиот квалитет на воздухот, екстремната топлина и пепелта што паѓа од небото.
Локалните извори наведуваат дека областа Агиа Фотија останала без електрична енергија. Најмалку четири постари лица беа однесени во болница со проблеми со дишењето предизвикани од вдишување чад.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Здравствените власти ги ставија сите болници на Крит во состојба на готовност. Властите наредија масовна евакуација на хотели, приватни сместувања и домови во општина Ферма, бидејќи пожарот се приближува кон областа. Операцијата се спроведува со поддршка на пожарникари, полиција и локални волонтери.
Досега, околу 1.500 луѓе се евакуирани од околните села и туристички области и однесени во Иерапетра. Околу 200 од нив се привремено сместени во градската спортска сала.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Противпожарните сили се значително засилени. До среда вечерта, на местото на настанот беа 155 пожарникари, осум специјализирани пешадиски екипи и 38 противпожарни возила.
До зајдисонце, четири хеликоптери фрлаа вода врз пожарот. Локалните општински власти, исто така, распоредија цистерни за вода и тешка механизација.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Дополнителни сили се на пат – уште 17 пожарникари, една пешадиска екипа и пет возила доаѓаат од Пиреја, а уште 33 пожарникари и четири дополнителни екипи на EMODE од Елефсина.
Пожарот, кој избувна помеѓу Агија Фотија и селото Скинокапсала, се шири низ густа, запалива вегетација. Сувите услови, стрмниот терен и силните ветрови го отежнуваат гаснењето.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Порано оваа недела, повеќе од 50.000 луѓе во Турција беа евакуирани поради пожар во Измир, а најмалку шест лица загинаа како резултат на топлотниот бран што ја погодува Европа – вклучително и Шпанија, Италија и Франција.
Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.