Свет
Сопственикот на „Твитер“ издвои една милијарда долари за борба против коронавирусот

Основачот и сопственик на „Твитер“, Џек Дорси, ќе даде 1 милијарда американски долари за борба против пандемијата на коронавирус.
Во серијата објавувања на „Твитер“, тој рече дека тој износ е 28 проценти од неговиот имот. За да ја достигне таа сума, тој постепено ќе продава акции на неговата друга компанија „Сквер“, која е специјализирана за дигитални плаќања.
„Кога се бориме против пандемијата, ќе ги пренасочиме парите кон здравството, образованието и универзалниот доход“, додаде милијардерот, чие богатство според „Форбс“ се проценува на 3,3 милијарди долари.
Тој гледа можно решение за проблемот со кој се бори целиот свет.
Како што рече, еден од нив е токму основниот еднаков приход, односно универзалниот приход, кој станува сè позначаен во време кога луѓето ги губат работните места.
„Тоа е генијална идеја која треба да се испита“, додаде тој.
Планот за исплата што го објави покажува дека првите 100.000 американски долари се наменети за американскиот Фонд за храна.
„Се надевам дека ова ќе ги поттикне и другите. Животот е краток, па ајде да сториме сè што можеме за да им помогнеме на луѓето веднаш“, рече сопственикот на „Твитер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украдени милијарди лични податоци за најавување на социјалните платформи ширум светот

Истражувачите од компанијата за сајбер безбедност „Сајберњуз“ тврдат дека милијарди податоци за најавување за платформи како што се „Гугл“ и „Фејсбук“ се протечени и составени во онлајн збирки на податоци, давајќи им на криминалците невиден пристап до профилите што потрошувачите ги користат секој ден.
Според извештајот објавен оваа недела, истражувачите на „Сајберњуз“ неодамна откриле 30 изложени сетови на податоци, од кои секој содржи огромна количина на податоци за најавување – вкупно 16 милијарди парчиња компромитирачки податоци. Ова ги вклучува корисничките лозинки за голем број популарни платформи, како што се „Гугл“, „Фејсбук“ и „Епл“.
„Сајберњуз“ забележува дека сигурно има дупликати во податоците, па затоа е „невозможно да се каже колку луѓе или профили всушност биле изложени“.
Исто така, важно е да се забележи дека протечените информации за најавување не доаѓаат од еден извор. Наместо тоа, се чини дека податоците се украдени преку повеќе настани со текот на времето.
Крадците на информации се форма на малициозен софтвер кој провалува во уредот или системот на жртвата за да преземе чувствителни информации.
Остануваат многу прашања за протечените податоци, вклучително и во чии раце се сега. Но, бидејќи прекршувањата на податоците стануваат се почести во денешниот свет, експертите продолжуваат да ја нагласуваат важноста од одржување на клучната „сајбер хигиена“.
Ако сте загрижени дека информациите за вашиот профил можеби биле изложени во неодамнешниот напад, првото нешто што можете да направите е да ја промените лозинката и да избегнете користење на исти или слични информации за најавување на повеќе локации. Ако ви е премногу тешко да ги запомните сите ваши различни лозинки, размислете за управување со лозинки или клуч за пристап . Додајте и автентикација со повеќе фактори, која може да послужи како втор слој за верификација преку телефон, е-пошта.
Свет
Иранскиот шеф на дипломатијата утре ќе се сретне со Путин

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, на прес-конференцијата потврди дека денеска патува за Москва, каде утре ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Говорејќи во Истанбул, Аракчи рече: „Одам за Москва попладне, а утре наутро имам средба со претседателот Путин“.
Тој додаде дека Иран и Русија се долгорочни партнери, опишувајќи ја Москва како пријател на Иран со кој редовно се консултираат.
Во продолжението на конференцијата Аракчи рече дека во текот на преговорите никогаш не им верувал на западните земји, а денес има уште повеќе причини за недоверба.
„Сега треба уште помалку да му веруваме на Западот“, рече тој.
Ги повика сите актери да го почекаат одговорот на Иран пред да се обидат да го рестартираат дипломатскиот процес.
На прашањето за комуникација со САД, Аракчи потврди дека пред нападот водел индиректни преговори со главниот преговарач на Трамп, Стив Виткоф.
„Кога разговорите беа прекинати поради американската агресија, продолживме да добиваме пораки од Американците преку различни канали, особено преку Оман“, рече тој.
Оман со години дејствува како посредник меѓу Вашингтон и Техеран, особено во моменти на зголемена тензија.
Аракчи на прес-конференцијата најави натамошни дипломатски активности по средбата во Москва.
Свет
Иран: Ќе се браниме со сите сили од агресијата на САД

Министерството за надворешни работи на Иран објави ново соопштение.
Техеран истакна дека ќе се брани од, како што ја нарече, американска воено поттикнувачка политика.
„Исламската Република Иран е решена да ја брани територијата, суверенитетот, безбедноста и народот на Иран со сите сили и со сите средства од агресијата на Соединетите Американски Држави“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Тие го нарекоа нападот јасно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и повикаа на итна седница за да се осуди нападот.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, предмалку на социјалната мрежа „Икс“ објави дека во изминатата недела и Израел и САД одлучиле да ја „кренат во воздух дипломатијата“.
Во соопштението тој наведува дека за време на минатонеделните преговори со Америка „Израел решил да ја крене таа дипломатија во воздух“.
Истото се случило, тврди тој, за време на разговорите со европските претставници, но овој пат „САД решиле да ја кренат дипломатијата во воздух“.
„Каков заклучок би извлекле?“ праша тој.
Додаде: „За Британија и високиот претставник на ЕУ, Иран е тој што треба да се врати на преговарачката маса. Но, како може Иран да се врати за нешто што никогаш не го напушти, а камоли да го уништи?“.