Македонија
Канал 5: Изненадени сме, првиот тест на уредникот Гоце Михајлоски беше негативен
Телевизијата Канал 5 денеска објави соопштение во врска со случајот со главниот и одговорен уредник во телевизијата, Гоце Михајлоски, кој е заразен со коронавирус, поради што се во самоизолација лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, со кои што неодамна имаше интервјуа.
Од телевизијата му посакуваат да закрепне што е можно побрзо. „Ниту тој сакал да биде заразен со Ковид-19, а уште помалку тој да биде трансмитерот и евентуално да зарази трети лица“, се вели во сооштението.
„Свесни сме за тежината на актуелната ситуација, поврзана со светската пандемија на коронавирусот, која зема замав и, за жал, исклучок не беше и еден наш колега, Гоце Михајлоски.
Како професионална и одговорна компанија, која сигурно ќе го надмине и овој сериозен предизвик, потенцираме дека и ние самите сме изненадени од ваквиот развој на настаните, поради фактот што првиот тест што го изврши колегата Михајлоски беше негативен.
Сакаме да ја информираме јавноста за следново: Викендот на 28 и 29 март колегата Михајлоски бил во посета на своите родители во Прилеп, од каде во понеделникот, на 30 март, продолжува со работа во дневно-информативната редакција, без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми.
Потенцираме дека подолг период веќе имаме воспоставено високи стандарди на заштита и контрола на нашите вработени, во смисла: задолжително мерење телесна температура при влез во компанијата, обезбедивме дезинфекциони пунктови на 5 локации, на секој кат, дополнително и во информативната редакција, задолжително работниот процес се извршува со помош на заштитни маски, а за делот на техниката и новинарите се обезбедени и пластични визири за дополнитена заштита. Во четвртокот и во петокот, во емисијата „Само интервју“, гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски, последователно, при што беа запазени сите протоколи.
Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во недела, 5 април, кои биле во форма на изнемоштеност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17 часот го напуштил работното место. Од понеделник, 6 април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележува температура повисока од 38 степени и бара од својот матичен лекар да добие упат за тестирање, но поради електронската анкета, нема доволно симптоми за да биде упатен на тестирање.
На 7 април, во утринските часови, поради зголемената температура прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е негативен на коронавирусот. Во четврток, 9.4.2020, колегата Михајловски заминува во Воена болница, каде е примен, а утринава нè информираше дека сепак е позитивен на Ковид-19.
Во насока на следење на препораките за заштита при работа од коронавирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават. Нашата компанија во соработка со Министерството за здравство ќе ги преземе сите чекори за брзо надминување на оваа несреќна здравствена состојба и благовремено ќе ја известува јавноста за сите новонастанити моменти“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.
Македонија
Појава на магла и намалена видливост во околината на Дебар
АМСМ информира дека во околината на Дебар има појава на магла и намалена видливост до 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.

