Македонија
Во изолација одат четворица вработени од „Канал 5“, вирусот предизвика немир кај новинарите

Четворица вработени во телевизијата „Канал 5“ ќе бидат во домашна изолација бидејќи дента кога главниот уредник Гоце Михајлоски ги добил првите симптоми, тие биле на работа. Ова го соопшти новинарката Тамара Стојкова, а пак, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека епидемиолошките анкети се завршени.
Новинарите од другите телевизиски куќи на денешната прес-конференција на министерот побараа одговор дали и тие ќе бидат контактирани од епидемиолозите бидејќи имале контакт со колегите од „Канал 5“.
Според новинарските јавувања во живо за време на прес-конференцијата од Филипче, новинарите од другите медиуми чувствуваат немир по веста дека четворица нивни колеги се во изолација.
„Епидемиолозите беа во комуникација со одговорните од телевизијата. Се направија интервјуа со сите вработени и со сите оние што се сметаат дека се од висок ризик. Јас верувам дека и колегите од другите медиуми, како и сите други приватни контакти на тие лица, кои се смета дека се во ризик, се направени или ќе бидат направени во текот на утрешниот ден и во согласност со тоа, ќе бидат преземени и одредени мерки. Доколку има некаква потреба за самата телевизија, детаљно е исчистена, според стандардите. Центарот за јавно здравје беше во комуникација со уредниците и сметам дека за таа институција важат апсолутно истите протоколи, пристапот кон заболените и нивните примарни контакти, како и за сите други институции“, рече Филипче.
Претходно, уредникот во телевизијата „Канал 5“, Гоце Михајлоски, кој е заболен од коронавирус, во својата блиска фамилија имал член кој бил позитивен на Ковид-19, потврди директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова. Тој имал контакт со него. Михајлоски е хоспитализиран во болницата „8 Септември“ и е во стабилна состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.