Македонија
Дезинфекција на улици во Карпош за време на полициски час

За време на полицискиот час, овој викенд, активно работеа комуналните служби на Општина Карпош. Имено, се миеја и дезинфицираа улици во урбаните заедници: „Владо Тасевски“ (Млечен), Карпош 1 и Карпош 2.
Интензивно работеа двете цистерни на локалната самоуправа, со кои во изминатиот период се дезинфицираа голем број на јавни површини (локални улици, плоштади, платоа, фреквентни места).Градоначалникот Стефан Богоев, кој го предводи и Општинскиот кризен штаб, во текот на викендот, направи обиколка низ населбите во Карпош, Пожарната бригада и маалските дежурни продавници.
„Воочливо е дека граѓаните го почитуваат полицискиот час, а субјектите кои имаат дозвола за достава на храна и лекови работат по претходни нарачки од страна на граѓаните.Комуналните служби на Карпош и претставниците на Општинскиот изборен штаб делуваат со соодветни дозволи за движење за време на полициски час, издадени од Министерството за информатичко општество и администрација.Општина Карпош ги повикува сите граѓани да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирус, за овој кризен период да заврши што е можно побрзо“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во работна посета на Јапонија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во наредните денови ќе престојува во работна посета на Јапонија.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе присуствува и ќе се обрати на свеченото одбележување на Националниот ден на Република Северна Македонија на Осака ЕКСПО 2025, каде што земјата учествува со свој павилјон, промовирајќи ги културните, туристичките и економските потенцијали на овој значаен меѓународен настан, кој се одржува од 13 април до 13 октомври 2025 година во Осака, извести Министерството за надворешни работи.
Покрај учеството на ЕКСПО, министерот ќе оствари работни средби со државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Хисајуки Фуџии, со претседателот на Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO), Сусуму Катаока, како и со заменик-претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), Шохеи Хара.
На средбите ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка, со фокус на економските и трговските односи, размена на искуства во областа на развојната помош, како и актуелни регионални и глобални предизвици, додаваат од Министерството.
Македонија
Димитровска: Осомничениот ми е семеен пријател, разговорите не се поврзани со „Адитив“

Петседателката на Комисијата за спречување корупција, Татјана Димитровска, вели дека еден од осомничените од случајот „Адитив“ во кој и таа е осомничена за оддавање службена тајна, и е семеен пријател. Вели дека разговорите не биле поврзани со случајот.
„Како Претседател на Државната комисија за спречување на корупција, сакам да нагласам дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена.
Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација“, вели Димитровска.
Таа вели дека комуникацијата е направена без никаква намера да влијае на постапката и истрагата.
„За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно. Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите. Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, додава таа.
Димитровска се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имот и на неговото семејство.
Судот и го одзеде пасошот и определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Македонија
Левицата: Уште еден закон одбиен – власта не гласаше за предлогот за денови на жалост

На вчерашната собраниска седница, владејачкото мнозинство повторно не ја надмина својата партиска суета и не гласаше за предлог-законот на Левица за денови на жалост, соопштија од партијата.
„Бидејќи во Македонија никако не е регулиран медиумскиот простор при денови на жалост, пратеничката група на Левица поднесе законско решение за регулирана медиумска програма без забавни и политички содржини за време на деновите на жалост, како и за воведување едноминутно молчење и санкции за недолично однесување“, наведуваат од партијата.
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, образложувајќи го предлогот, истакна дека „тагата не смее да биде дел од политички наратив“ и дека со законот се бараат јасни и унифицирани критериуми за прогласување денови на жалост, кои не би зависеле исклучиво од одлуката на Владата.
При образложување на предлог-законот, пратеникот Мециновиќ потенцира дека овој закон не навлегува во правото на слобода за изразување и во регулирањето на приватните субјекти, туку ги подразбира измените кои ќе дозволат како нација да ја доживееме тагата во која што сме се нашле и да се дозволи на вистински начин да закрепнеме од колективните трагедии.
Предлогот се однесува на јавниот и на институционалниот домен, со фокус на одбележување трагични настани на национално и локално ниво.
Во предлогот стои дека целта на законот е обезбедување на правна основа за правилно одбележување на деновите на жалост на национално и локално ниво, преку организирано, унифицирано и достоинствено одбележување на трагични настани кои влијаат на националната и колективна меморија на државата, преку достоинствено оддавање почит кон настраданите и нивните блиски, како и поттикнување на човечноста, солидарноста и на националното единство.
„Жално е што дури и при една катарза кое му се случи на македонското општество, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за конструктивно законско решение, кое треба да го пополни правниот вакуум каде Македонија е ретка држава која нема Закон за денови на жалост“, велат од Левица.