Економија
Од полноќ бензините со повисока цена

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек 2,49 отсто во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени во согласност со одлуката од 6.4.2020 година.
Од вечерва на полноќ малопродажната цена на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 денари за литар и со тоа малопродажната цена на „евросупер БС-95“ ќе изнесува 48,50 ден./лит., а малопродажната цена на „евросупер БС-98“ ќе изнесува 50,50 ден./лит.
Малопродажната цена на „евродизел“ (Д-Е V) не се менува, односно останува на исто ниво од минатата недела од 45,00 денари за литар.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 денари за литар и ќе изнесува 33,00 ден./лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 2,136 ден./кг и ќе изнесува 20,106 ден./кг.
Од 14.4.2020 година максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 48,50 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС“ – 98 50,50 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС“ (Д-Е V) – 45,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 33,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 20,106 (денари/килограм)
Клучните фактори што влијаат на крајната цена во согласност со методологијата за формирање на цените се референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на доларот.
Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат зголемување, и тоа кај бензинот во просек речиси 4,437 отсто, кај дизелот зголемувањето е во просек речиси 1,366 отсто, кај екстра-лесното масло има намалување во просек речиси 3,327 отсто и кај мазутот се регистрира зголемување во просек речиси 19,178 отсто.
Во исто време курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период е зголемен 1,125 отсто. Во согласност со методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно приспособување.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 14.4.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.