Македонија
Контејнерите преполни, од МИОА велат дека не се надлежни за дозволи за движење за ЈП „Комуналец“
Министерството за информатичко општество и администрација не е надлежно да издава дозволи во услови на ограничено движење на вработените во ЈП „Комуналец“, соопштија од министерствотo по реакции од јавноста дека контејнерите во повеќе скопски општини денеска биле преполни и дека и околу нив имало отпад.
Од таму демантираат дека вината зошто ЈП „Комуналец“ не се погрижило за хигиената во градот Скопје за време на викендов што помина, а во текот на кој целосно беше забрането движење, е кај нив.
„Го повикуваме раководството да постапи по насоките од Кризниот штаб на Владата на Република Македонија, каде јасно е наведено дека претпријатија од профилот на ЈП ‘Комуналец’ работењето за време на полициски час едноставно само го најавуваат на 192“, велат од МИОА.
Од таму велат дека оваа информација јасно е наведена во соопштението објавено од МИОА, каде што стои дека во категоријата дозволи за движење со јавување во МВР на 192 влегуваат: вработени во агенции за обезбедување и чуварски служби, вработени во сервисни компании (ЕВН, телекомуникациски и кабелски оператори, јавни и комунални претпријатија).
„Очекуваме и се надеваме дека направената грешка овој викенд брзо ќе биде поправена и дека нема да биде повторена“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет во утринските часови се бележат во Маврово и на планинските премини Буково, Ѓавато и Плетвар, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. Намалена видливост поради појава на магла од 100 – 150 метри има на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Делови од Бутел, Чучер Сандево и Илинден денеска без струја
ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел, Чучер Сандево и Илинден.
– Во период од 09:00 до 13:00 часот корисниците од улицата 18 броеви од 30 до 40, улицата Радишанска броеви од 40 до 70, во општина Бутел.
– Во период од 09:00 до 15:00 часот дел од корисниците во село Мирковци во општина Чучер Сандево.
– Во период од 09:00 до 14:00 часот корисниците од улицата од Мршевци кон Бујковци во општина Илинден.
Македонија
Претпладне појава на магла, преку денот претежно облачно со услови за слаби врнежи од дожд
Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Преку денот променливо облачно со повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје претпладне со појава на магла, преку денот претежно облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините во претпладневните часови ќе има појава на магла. Во петок претежно во северните делови ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег.