Македонија
Владата: Во реставрацијата и санацијата на Старата чаршија се запазени сите процедури
Владата соопшти дека во реставрацијата и санацијата на автентичниот лик на Старата скопска чаршија запазени се сите процедури и дека градежната активност, која се финансира преку Проектот за локална и регионална конкурентност, се одвива во согласност со позитивните правни норми за зачувување на автентичноста на Чаршијата.
Оттаму се додава дека во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), Општина Чаир аплицирала со потпроектот „Промоција на чаршиски туризам во општина Чаир“.
Сите активности на потпроектот, како што наведуваат од Владата, предвидуваат клучни инвестиции во масовна туристичка дестинација со цел зголемување на привлечноста на Старата чаршија и нејзино промовирање како главна туристичка дестинација во градот за потребите на туристите.

Потпроектот предвидува санација на калдрмата на дел од главната улица Битпазарска, како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани кои го нарушуваат автентичниот лик на Стара чаршија, која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 130/08.
„Една од главните активности на проектот е и реновирање 39 дуќани лоцирани во Стара чаршија. Општина Чаир предложи замена на старите излози со нови, кои би го вратиле автентичниот изглед на Чаршијата. Фактичката состојба не е поволна затоа што фасадата и излозите на голем број дуќани во туристичката дестинација се дотраени или заменети со излози од ПВЦ-материјал или алуминиум. Овие користени материјали ја девалвираат вредноста на автентичната структура на Стара чаршија и ги менуваат планираната содржина и изгледот на Чаршијата.
Санација на калдрма – со текот на времето настанати се оштетувања на калдрмата на улицата. Оштетувањата се настанати од повеќе фактори: метеоролошки влијанија, моторен сообраќај, недоволен капацитет на каменот и парцијални ископувања на улиците. За таа цел проектот предвидува санација на калдрмата на главната улица (во должина од 200 м или вкупно 2.240 м2). Сите градежни материјали што се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменичната целина: ‘Старата скопска чаршија‘ се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски центар – Скопје и Управата за заштита на културното наследство.

Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/08) ги уредува клучните аспекти на заштита на споменичната целина и врши идентификација на односното добро во поглед на неговиот назив, категорија и режим на заштита и друго“, се додава во соопштението.
Од Владата појаснуваат дека од тие причини е формиран Национален совет за ревитализација на Старата чаршија, кој изготви и програма за ревитализација на Старата скопска чаршија (ССЧ), која содржи идентификација на сегашната состојба и насоки и мерки за ревитализација на Старата скопска чаршија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

