Македонија
(Видео) Спасовски: Не можеме да ги затвориме верските објекти, граѓаните за време на празниците да останат дома
Премиерот Оливер Спасовски посочи дека Владата не може да ги затвори храмовите на верските заедници во државата. Овој став следува откако МПЦ соопшти дека црквите ќе бидат отворени за литургија за претстојните празници, но верниците да носат маска или шал. Спасовски апелира до граѓаните да останат дома, во кругот на семејствата, и така да го прослават Велигден.
„Да се почитува мерката да нема групирања и да останеме на социјална дистанца и за претстојните велигденски празници. Јас упатив порака и пред неколку дена, во која реков дека сега е моментот велигденските празници да ги прославиме дома, со нашите семејства и во духот на нашата традиција. Ние немаме одлука за затворање на верските објекти и непрактикување на верата. Тоа не може да се донесе. Во ниту една состојба, во која може да се најде државата, не може, затоа што тоа е право кое е неприкосновено. Меѓутоа, знаете дека имаме ставови, одлуки на МПЦ и ИВЗ, што се однесува на почитувањето на мерките на државата за социјална дистанца. Апелирам до граѓаните за време на празниците да останеме дома, во кругот на нашите семејства, така најбргу ќе го победиме ова зло, односно спречување на ширење на вирусот“, рече Спасовски.
Верските храмови за претстојните велигденски празници им даваат упатства на верниците на кој начин и кога ќе може да ги посетат и да ја извршат светата велигденска причест. На известувањата стои дека според препораките на Светската здравствена организација и владините мерки за справување на ширењето на заразата на коронавирусот, литургиите во деновите кога не е полициски час храмовите ќе бидат отворени и ќе се одржи литургија во дворовите на храмовите.
Со оглед на тоа што полицискиот час ќе трае до вторник, кога се празнува третиот ден од Велигден, верниците што ќе сакаат да се причестат, ќе може тоа да го сторат до 16 часот, но без целување и блиски контакти. Според отец Бобан, гласноговорник на МПЦ, храмовите се отворени кога нема полициски час исто како и маркетите и аптеките и верниците може да ги посетат на ист начин, односно ако ги почитуваат препораките за заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

