Свет
Си-ен-ен пишува дека Илон Маск не ги доставил ветените респиратори во болниците во Калифорнија

Илон Маск, претприемач и извршен директор на „Тесла“, минатиот месец рече дека болниците во Калифорнија ќе ги обезбеди со повеќе од 1.000 респиратори за да се справат со коронавирусот.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, тогаш рече дека станува збор за херојски чин. Три недели подоцна канцеларијата на гувернерот соопшти дека ниту една болница не примила респиратори.
На прес-конференцијата на 23 март Њусом рече дека тие се уреди што може да спасат животи и дека пристигнале во Лос Анџелес и биле на пат кон болниците.
„Пред неколку дена ви реков дека до крајот на неделава ќе имаме 1.000 респиратори. Тие пристигнале во Лос Анџелес, а Илон Маск веќе работи со болничкото здружение за да ги сподели. Тоа е херојски чин“, рече гувернерот.
Кусо по оваа објава, Маск се јави на „Твитер“.
„Кина има големи резерви, така што минатиот петок купивме респиратори одобрени од ФДА и ги испративме во Лос Анџелес. Ако сакате да ги инсталираме, известете нè“, напиша тој.
Но, и покрај тоа, респираторите не стигнале до болниците.
„Илон Маск и неговиот тим ѝ порачаа на државата дека купиле респиратори и дека сакаат да ги дистрибуираат директно во болниците. Администрацијата комуницира секојдневно со болниците во целата држава за резервите од респиратори и досега ниту една болница не ни кажа дека добила респиратор директно од Маск или ’Тесла’“, изјави портпаролот на канцеларијата на гувернерот за Си-ен-ен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп нема да се кандидира за трет мандат

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не планира да се кандидира за трет мандат како шеф на државата, иако во изминатите недели имаше спекулации за тоа.
Трамп, кој постојано ја споменуваше можноста за трет мандат откако се врати во Белата куќа во јануари, ја отфрли таа можност, што е забрането со Уставот.
„Тоа не е она што се обидувам да го направам“, рече Трамп.
„Сакам да имам четири многу добри години, а потоа да се повлечам и да направам место за некој друг, идеално за одличен републиканец“, додаде Трамп, кој ги именуваше својот потпретседател Венс и државниот секретар Марко Рубио за потенцијални наследници.
„Ќе бидам претседател осум години, претседател со два мандата. Секогаш мислев дека тоа е важно“, рече Трамп во интервју за Ен-Би-Си – Њуз.
На прашањето дали на странците на американска почва треба да им се обезбеди фер судење, како што е предвидено во Уставот, републиканскиот милијардер рече дека не е адвокат и не знае.
Трамп ја стави борбата против нелегалната имиграција на прво место, зборувајќи за „инвазија на криминалци од странство“ и организирајќи полициски операции за нејзино спречување.
Свет
Украинската воздушна одбрана собори 69 од 165 дронови користени во рускиот напад врз Украина

Украинската воздушна одбрана собори 69 од 165 дронови користени во рускиот напад врз Украина во текот на ноќта, соопшти украинската војска.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека 80 од дроновите исчезнале од радарот, веројатно поради мерки за електронско војување преку кои тие биле пренасочени, или биле мамки што не носеле експлозиви.
Најмалку 11 лица се повредени во рускиот напад со беспилотни летала врз Киев во текот на ноќта, во кој беа запалени неколку станбени згради во украинскиот главен град.
Меѓу повредените се двајца малолетници на возраст од 14 и 17 години.
Регионалниот гувернер на регионот Черкаси во централна Украина, Игор Табуретс рече дека во нападот со руски беспилотни летала доцна синоќа се предизвикани неколку пожари. Украинската служба за вонредни ситуации соопшти дека едно лице е повредено.
Регион
Сведоштво по страшната сообраќајка во Хрватска: „Се слушна силен тресок, врескање, а луѓето излегуваа низ прозорците“

Две лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во страшната сообраќајка што се случи на автопатот А3 низ Хрватска вчера ноќта. На кобната несреќа, во која учествувале автобус и автомобил од Босна и Херцеговина, ѝ претходел „судир“ на автомобил голф и срна, која излетала на автопатот.
„Автомобилот налета на срна која истрча на патот. Возачот очигледно не можел да го придвижи автомобилот после тоа, но излегол на патот и мавнал кон другите автомобили за да ја намали брзината и да застане. Возачот на автобусот што доаѓал не застанал и удрил во тој автомобил, ја пробил заштитната ограда и се превртел и завршил во спротивен правец“, изјавил Мирослав Голуб од противпожарната служба, пренесува 24сата.
Очевидци раскажале за ГП Маљевац како изгледале застрашувачките моменти по судирот. “Тоа беше како на филм.
„Се слушна силен тресок, а потоа и врескање. Луѓето се обидуваа да излезат низ скршените стакла на автобусот. Возачот на автомобилот стоеше на страна и мавташе за да ги предупреди другите, но не успеа”, рекол сведок на хоророт на автопатот.