Свет
Поранешниот шеф на МИ6: Британија мора да ги спречи кинеските фирми да купуваат западни технологии

Поранешниот шеф на МИ6, Џон Сојерс, смета дека Западот треба да го бара секој можен механизам за да ја спречи Кина да купува стратешки технолошки и придружни фирми, вклучувајќи компании како што е британскиот дизајнер на полуспроводливи чипови „Имеџинејшн технолоџис“, пренесува „Спутник“.
Во 2017 година „Имеџинејшн технолоџис“ беше купена од Кенјон Бриџ, компанија за приватен капитал поддржана од „Чајна реформ холдингс“, инвестициска фирма со директни врски со кинеската влада.
Постојат предлози компанијата да биде преместена во Кина, што предизвика загриженост кај сегашниот и поранешниот персонал на највисоко ниво, вклучувајќи го и основачот Хосеин Јасаи. Оваа можност предизвика парламентарна истрага, по што на сослушување беше повикан претседателот на компанијата.
Сојерс, кој беше шеф на тајната разузнавачка служба на Велика Британија, или МИ6, од 2009 до 2014 година, тврди дека Кина агресивно се обидува да ги прошири своето глобално влијание и моќ.
„Не мислам дека тоа е егзистенцијална закана како што беше СССР во Студената војна, но сепак ќе има длабоко ривалство за контрола над технологијата. Треба уште многу да сториме на Запад за да се осигураме дека сме независни од Кина. Треба да сториме повеќе за да ја заштитиме западната технологија од купување од кинеските компании и мислам дека напорите што се прават за да се осигура дека ‘Имеџинејшн технолоџис’ нема да се повлече од Велика Британија и да биде купена од Кина се вистински чекор “, изјави тој за „Скај“.
Јасаи, кој ја водеше компанијата од 1998 до 2016 година, изјави дека иако намерно се воздржал од јавни коментари за компанијата по повлекувањето, неодамнешните настани се толку важни за компанијата, нејзините луѓе и за Британија што сметал дека треба да истапи и да каже неколку клучни поенти пред високите владини министри.
„„Имеџинејшн технолоџис“ им обезбедува критична и чувствителна технологија на многу клучни клиенти во светот, кои со право бараат и очекуваат соодветна независност, безбедност на снабдувањето и доверба во организацијата“, објасни тој.
Во писмото од Оливер Дауден, државен секретар за Одделот за дигитал, култура, медиуми и спорт, упатено до конзервативниот пратеник Дејвид Дејвис, се вели дека владата носи закони што ќе им дадат на министрите натамошни овластувања да вршат преглед на странските трансакции преку Законот за национална безбедност и инвестиции.
Законот беше претставен во говорот на кралицата во декември 2019 година и ќе ѝ овозможи на владата да ги проценува трансакциите и инвестициите од странски субјекти што може да претставуваат ризик за национална безбедност.
Ова е втора антикинеска интервенција на поранешниот началник на МИ6 за два дена – на 15 април тој го обвини Пекинг за избегнување на одговорноста за пандемијата на Ковид-19 и за прикривање на кризата од Западот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Црвен крст: Враќањето на телата на заложниците од Газа може да потрае со недели

Предавањето на телата на мртвите заложници од Појасот Газа може да потрае со денови или недели, соопшти денес Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
„Со оглед на уништувањето на зградите и инфраструктурата во крајбрежната енклава, понекогаш е тешко да се лоцираат останките“, изјави денес во Женева портпаролот на МКЦК, Кристијан Кардон.
„Постојат јасни индикации дека ова може да потрае значително подолго поради тешкотијата во потрагата по останките во Газа што може да бидат под урнатините“, објасни Кардон.
Можноста некои тела никогаш да не бидат пронајдени не може да се исклучи, истакнува агенцијата ДПА.
МКЦК во сите дискусии нагласи колку е важно враќањето на останките за семејствата на жртвите, како и за евентуално помирување по завршувањето на војната.
Црвениот крст не знае однапред кога и каде ќе му бидат предадени телата во Појасот Газа. Како што беше случајот вчера, информациите за ова често пристигнуваат во последен момент. Хуманитарната организација не е вклучена во потрагата по безживотни тела.
Хамас вчера преку МКЦК му ги предаде телата на четворица од 28-те мртви заложници на Израел. Во Израел расте гневот и фрустрацијата поради предавањето само на неколку тела, за кои армијата денес соопшти дека се идентификувани.
Фото: ЕПА
Свет
Макрон ѝ се закани на Русија, доби одговор од Кремљ

Русија продолжува со специјална воена операција во Украина бидејќи нема други алтернативи, но останува отворена за мирно решавање на конфликтот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
На брифинг за медиумите, Песков ја коментираше изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја обвини Москва за „воинствена тврдоглавост“ и се закани со „одмазда“ ако Русија не се „врати на преговарачката маса“.
„Русија е подготвена за мирно решавање. Во овој момент, Русија, поради недостаток на алтернативи, ја продолжува специјалната воена операција“, нагласи претставникот на Кремљ, додавајќи дека Москва ја одржува својата отвореност и подготвеност за мирен дијалог.
Тој уверува дека Русија ќе ги обезбеди своите интереси без разлика што. „На еден или друг начин, Русија ќе ги обезбеди своите интереси и ќе го постигне исполнувањето на поставените цели“, рече Песков.
Свет
Шефот на НАТО: Толку сме посилни од Русија што не мора да ги соборуваме нивните авиони и беспилотни летала

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера изјави дека алијансата нема да ги соборува руските авиони и беспилотни летала што повремено влегуваат во воздушниот простор на земјите членки ако не претставуваат директна закана. Тој нагласи дека НАТО ги има сите потребни овластувања да дејствува, но и дека не сака непотребно да поттикнува ескалација.
„Ако авионот претставува закана, имаме овластување да преземеме, доколку е потребно, екстремни мерки. Но, ако не претставува закана, нема да го собориме, само нежно ќе го испратиме надвор од нашиот воздушен простор“, рече Руте.
„Ние сме многу посилни од Русите. Не мора да ги соборуваме нивните авиони само затоа што влегле во нашиот воздушен простор. Да бевме слаби, можеби ќе требаше да покажеме сила. Но, бидејќи сме многу посилни, нашиот пропорционален одговор е, всушност, демонстрација на сила“, додаде генералниот секретар на НАТО.
Руте нагласи дека алијансата сè уште испраќа јасна порака до Москва дека ваквите упади се неприфатливи и дека секоја закана за териториите на членките ќе има последици.
Фото: ЕПА