Македонија
Министерство за култура: Изведувањето на работите во Старата скопска чаршија во согласност со стандардите за заштита

Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) се одговорни за заштита на недвижното и движното културно наследство во Република Северна Македонија. Управата за заштита на културно наследство и Национална установа Конзерваторски центар–Скопје како надлежни установи, меѓу другото, соработуваат за активности поврзани со конзервација и развој на културно наследство, информира Министерството за култура, по реакциите во јавноста и на политичките партии поврзани со Старата скопска чаршија.
„Во согласност со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, член 9, Националната установа – Конзерваторски центар-Скопје е одговорна за преземање на заштитно-конзерваторски мерки за секоја активност во Старата скопска чаршија. Управата за заштита на културно наследство издава одобрение врз основа на претходно издадени конзерваторски услови од страна на Национална установа Конзерваторски центар – Скопје како дел на техничка документација.
Согласно добиените извештаи од НУ Конзерваторски центар – Скопје, како установа под надлежност на Министерството за култура, како и од УЗКН, во конкретниот случај се запазени сите постапки утврдени со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење.
Изведувањето на работите на непосредна заштита на културното наследство на Старата скопска чаршија се изведува во согласност со стандардите за заштита“, се вели во соопштението од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Колку вреди животот во Македонија – со две години треба да и запалам свеќа на сестра ми и да и речам биди задоволна, порача сестрата на загинатата Теодора

Судот во Тетово пресуди две години затвор за Менсур Пајазити кој на пешачки премин ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска. Нејзинита сестра Ева со солзи и неверување дека казната за сторителот е само две години.
Плачејќи рече дека казната од две години нема да ја врати жртвата, ама ќе ја олесни маката на семејството. Таа праша, како да запали свеќа на гробот на нејзината сестра и како да и каже да биде задоволна со казната.
„Колку вреди животот во Македонија, колку вреди животот на сестра ми? Дали може некој да ја врати нејзината младост, мојата младост? Две години го осудија човеков, што уби човек. Две години го осудија. Дали некој ќе ми објасни некој колку вреди животот на сестра ми? Со две години треба да бидеме задоволни, со две години треба да и запалам свеќа и да и речам: со две години биди задоволна, ова е законот во Македонија. Не, не може со две години. Максималната казна од пет години мене нема да ми ја врати Теодора, ќе ми ја олесни маката, ќе каже на секој еден што ќе го доживее истово, не дај Боже, дека ќе има правда. Сите веруваа во правда и јас верувам. И јас верувам дека ќе се смени оваа од две години и ќе остане барем максималната казна. Верувам силно дека Теодора нѐ гледа и плаче многу повеќе отколку јас. И верувам дека силата нејзина е во мене. Нема да се откажам, Теодора мора да спие мирно“, порача Ева Ристовска.
Македонија
По голготата со лифтовите во зградата на МТВ кои не работеа, најпосле се сервисирани

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) ги сервисираше и стави во целосна функција сите четири лифтови во зградата на МТВ во која канцелариски простории користат над 20 државни институции.
„Лифтовите сега се целосно оперативни и обезбедуваат сигурен, брз и лесен пристап до сите катови, што значително го подобрува функционирањето на институциите и услугите кои ги нудат“, велат од Владата.
Во изминатите години, лифтовите во зградата често беа неисправни, што создаваше големи проблеми за вработените и граѓаните кои имаа потреба од завршување административни работи во некоја од државните институции, што ја отежнуваше работата во институциите и пристапот до важни услуги.
Зградата на Македонската радио телевизија има 24 ката.
Македонија
Минчев и унгарскиот амбасадор: „Важна е размената на добри искуства и практики“

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка во областа на јавната администрација и професионализацијата на административните служби.
Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на размената на добри практики и искуства, како и можностите за зајакнување на институционалната соработка преку проекти поддржани од ЕУ и билатерални иницијативи.
Министерот Минчев изрази благодарност за досегашната поддршка од Унгарија и ја потенцира подготвеноста на Министерството за понатамошна соработка во насока на модернизација на јавниот сектор и приближување кон европските стандарди.
Амбасадорот, од своја страна, ја нагласи определбата на Унгарија за продолжување на партнерството со Република Македонија, особено во контекст на европските интеграции и реформите во јавната администрација.
Средбата помина во пријателска и конструктивна атмосфера, а двете страни изразија подготвеност за интензивирање на комуникацијата и конкретизирање идни иницијативи од заеднички интерес.