Македонија
Мајката и синот во Велес починале во март, а не во јануари

Мајката и синот, кои на 6 април беа пронајдени мртви во Велес, починале во текот на март. Полицијата ги пронајде мртви кога соседите пријавиле оти од станот се шири смрдеа, а посмртно во дишното стебло на мајката беше откриен коронавирус.
Поради претпоставките дека мајката и синот починале во јануари оти соседите не ги забележале надвор од тогаш, министерот рече дека е можно коронавирусот да бил присутен во Македонија и пред првиот регистриран случај на 26 февруари.
Денес, министерот Филипче извести дека нема да прави дополнителни истражувања во оваа насока оти обдукцијата покажала дека мајката и синот починале во текот на март.
„Заврши уводот на Судска медицина на мајката и синот кои беа најдени починати во стан во Велес. Според сите анализи, состојбата на телата, амбиенталните услови, сите информации што ги добија докторите од Институтот за судска медицина, констатирано е дека смртта настапила пред три до пет недели од моментот на пронаоѓање. Тоа е практично во текот на март, а не во јануари како што иницијално беше споменато. Во согласност со тоа, нема некој посебен интерес да се прават дополнителни истражувања поради актуелната состојба со вирусот Ковид-19“, рече Филипче.
Работата на овој случај продолжува за да се утврди причината за смртта на мајката и синот.
Министерот рече дека се прават хистопатолошки и токсиколошки анализи по што ќе се финализира целокупниот наод и извештај на Институтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата