Свет
Турска џамија претворена во привремен „супермаркет“ за сиромашните
На влезот од една истанбулска џамија полиците кои обично се резервирани за чевлите на верниците се наредени со пакети со тестенини, шишиња масло, бисквити – како во супермаркет.
Но, тие не се на продажба. Наменети се за сиромашните, тешко погодени од пандемијата на коронавирус. Знакот на прозорецот на џамијата вели дека секој што може треба да остави нешто, а оние кои имаат потреба да си земат нешто, пренесува „Франс прес“.
Абдулсам Чакир (33), имам во џамијата Дедеман во областа Сариер, дошол до оваа идеја да допре до сиромашните преку местото за богослужба откако Турција ги забрани масовните молитви во џамиите додека не помине ризикот од епидемијата.
Официјалниот број на смртни случаи во Турција од вирусот сега изнесува 2,259, а поголемите градови, меѓу кои и Истанбул, ќе бидат под строг режим на ограничено движење четири дена од четврток.
„По забраната на масовните молитви, дојдов до идеја да ја оживеам нашата џамија со тоа што ќе здружам добронамерни луѓе со лицата кои имаат потреба“, вели Чакир.
Младиот имам, кој ги зема производите од подот на џамијата и ги реди на полиците на влезот, вели дека е инспириран од културата на донирање во отоманскиот период наречен „добротворен камен“ – мал камен столб подигнат на одредени локации од градот за да ги поврзе богатите со сиромашните.
Во овој отомански систем, чија цел е да се даде хуманитарна помош достоинствено, без да се навредат сиромашните, побогатите луѓе оставиле колку што сакале пари во процепот на врвот на добротворниот камен. Оние што имале потреба го земале потребниот износ, а остатокот го оставале на другите.
„По пандемијата на коронавирус, размислувавме за тоа што можеме да сториме за да им помогнеме на нашите браќа кои имаат потреба. Инспирирани од ‘добротворниот камен ’на нашите претци, решивме да ги полниме полиците во нашата џамија со помош од нашите браќа кои можат да си го дозволат тоа “, рече Чакир, кој им помагал на сиромашните во неговата населба и пред почетокот на пандемијата.
Чакир закачува список на ѕидот на џамијата на кој граѓаните на кои им е потребна помош ги запишуваат своите имиња и телефонски броеви. Имамот подоцна го испраќа списокот до локалните власти кои проверуваат дали на луѓето навистина им е потребна помош, а неговиот тим потоа им испраќа порака дека можат да ја посетат џамијата и да добијат што им треба: максимум осум предмети.
„Навистина имам голема потреба од помош. Мојот сопруг не работи. Порано чистев куќи, но откако се појави вирусот, тие повеќе не се јавуваат. И претходно се запишав на списокот. Денес добив порака да земам помош. Навистина сме во тешка состојба “, вели Ѓулесер Очак (50).
Џамијата веќе две недели обезбедува услуги и дневно им помага на речиси 120 лица кои имаат потреба од храна. На списокот се запишани повеќе од 900 луѓе. Најмногу две лица со маски и ракавици влегуваат во џамијата и го земаат она што им е потребно додека други чекаат надвор, стоејќи на растојание едни од други.
„Повикуваме по 15 лица на секои половина час за да го почитуваме социјалното дистанцирање и да не предизвикуваме големи редици “, вели имамот.
Џамијата не прифаќа парични донации и наместо тоа добива пакети со помош.
„Производителите донираат. Мелничарот носи брашно, пекарот носи леб, дистрибутерот на вода носи шишиња вода “, објаснува Чакир.
Полиците на џамијата се полни со производи испратени од цела Турција, па дури и од странство.
„Секој прави сé што може за да им помогне на луѓето што имаат потреба. На пример, еден брат кој живее во Франција испазарил преку интернет и ја упати помошта до нашата џамија “, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев. Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.
„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.
Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.
Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.
„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.
Свет
Судот нареди на администрацијата на Трамп да врати од Хондурас три депортирани семејства и да ги плати трошоците за враќање
Окружниот суд во Сан Диего пресуди федералната влада на САД да ги врати трите семејства од Хондурас, наведувајќи дека нивното депортирање во последните месеци било засновано на „лаги, измами и притисоци“, јавија американските медиуми . Со наредба е утврдено дека на депортираните семејства требало да им биде дозволено да останат во САД, согласно правен договор кој го регулирал одвојувањето на околу 6.000 деца од родителите на границата во 2018 година. Секоја мајка имала дозвола да остане во САД до 2027 година со хуманитарна виза.Судијката на американскиот окружен суд во Сан Диего, Дана Сабрау, наведе дека администрацијата на Доналд Трамп, исто така мора да ги плати трошоците за нивното враќање.
Една жена со три деца, вклучувајќи и шестгодишен американски државјанин, беше депортирана во Хондурас во јули, откако ѝ беше наредено да се пријавува најмалку 11 пати во Службата за имиграција и царина (ICE) за време на два месеца, поради што, како што рече, ја загубила работата.
Сабрау го одби аргументот на Владата дека семејството доброволно ги напуштило САД. Жената рече дека службениците на Службата ја посетиле дома и ѝ побарале да потпише документ со кој се согласува на заминување, но таа одбила.
Другите две семејства, идентификувани само со иницијали, биле депортирани под слични околности.
Во рамките на политиката на „нула толеранција“, родителите се разделувале од децата за да бидат кривично гонети кога нелегално ја преминуваат границата. Судијката Сабрау во јуни 2018 година нареди прекин на разделувањето, неколку дена откако Трамп сам го запре по силен меѓународен притисок. Договорот забранува применувањето таква политика до 2031 година.
Свет
Нов инцидент во Полска: дрон падна во близина на воена база
Нов инцидент поврзан со беспилотно летало е регистриран денес во Полска. Како што објавија локалните власти, мал дрон паднал во областа на воена база во централна Полска. Комерцијално достапен модел се урна во Лоѓ откако се заплетка во дрво.
Според информациите од воената полиција, не е регистрирана никаква штета. Властите брзо го идентификуваа и приведоа осомничениот оператор, 22-годишен полски државјанин, и го обвинија за кршење на прописите за воздухопловство. Имено, управувањето со беспилотни летала во близина на воен објект може да резултира со затворска казна до пет години, а истрагата е во тек. Сличен инцидент се случи на 28 јануари кога мал дрон падна врз воена база во Пжасниш, според „Киев Индепендент“.
Претходните видувања на беспилотни летала во неколку европски земји предизвикаа прекини во воздушниот сообраќај, додека стравувањата од ескалација на руската хибридна војна растат. Полска, членка на НАТО, е во состојба на висока готовност од септември кога неколку руски беспилотни летала беа соборени над нејзина територија за време на напад врз Украина.
Инцидентот следеше по нарушувањата на воздушниот простор на балтичките сојузници на НАТО од страна на руски борбени авиони, како и по сомнителните видувања на беспилотни летала над европските аеродроми и други стратешки цели. Некои западни лидери повикаа на порешителен и покоординиран одговор, вклучително и соборување на беспилотните летала кога е потребно.

