Македонија
(Видео) Николовски: Собранието е распуштено и не може повторно да заседава

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, вели дека Уставот е јасен и дека Собранието е распуштено, а откако ќе се распушти се организираат избори, кои во моментов се стопирани поради огромната криза со којашто и здравствено и економски се соочува земјата и тоа Собрание не може повторно да заседава затоа што е распуштено.
„Многу е јасно, не треба човек да е голем експерт за да го сфати тоа, значи јасни се одредбите во македонскиот устав, како и позитивните законски акти, така што еднаш распуштено собрание не може да се врати и да заседава. Нечовечко е однесувањето на Заев и на СДСМ, а тоа е да во услови кога многу луѓе се заболени од коронавирусот, илјадници луѓе губат работни места и, за жал, десетици фамилии ги изгубија своите најблиски, а многу луѓе сè уште се борат за својот живот. Ова е едно нечовечко однесување на СДСМ.
Доколку решат повторно по стоти пат да го кршат Уставот и да не се грижат за здравјето на граѓаните и економската благосостојба секако ВМРО-ДПМНЕ во тој момент ќе заседава во своите органи и ќе донесе одлуки, коишто ќе бидат на линија на Уставот, законите, но пред сè на заштита на здравјето и економската благосостојба на граѓаните. Кажав смачено ми е од ова однесување на СДСМ во услови на најтешка здравствена и економска криза да размислуваат како да се спасат од одговорноста за криминалите коишто ги направија ова е едно нечовечко, дегутантно однесување од страна на Заев и СДСМ“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.