Македонија
(Видео) Јанушев: Струмичка фирма во четири очи доби тендер од „Дрисла“ од над 12 милиони денари
Додека Република Македонија се бори со корона-пандемијата, додека луѓе умираат, желбата на власта за криминал е на највисоко ниво – се „тера“ тендер од „Дрисла“ од 200 илјади евра, кој ѝ се додели на струмичка фирма блиска до луѓето на Заев, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Додека граѓаните се принудени да седат дома поради кризата со корона, додека расте бројот на заразени, додека докторите и медицинскиот персонал се без заштитна опрема, блиските луѓе на Зоран Заев најдоа погоден момент да земаат огромни тендери од Град Скопје и Шилегов и тоа ни помалку ни повеќе, по пат на преговарање во четири очи.
Се работи за тендер доделен во четири очи од Град Скопје, односно од ЈП „Дрисла“ на фирмата „Алпима градба ТИМ“ ДООЕЛ Струмица, на 18 март оваа година, во вредност од 12.390.000 денари или 200 илјади евра. Тендерот е за наредните 3 месеци и е за изнајмување градежни машини на ЈП „Дрисла“.
Сопственик на оваа фирма, која е и единствен понудувач по пат на преговарање во 4 очи и која го доби тендерот од над 12 милиони денари во вонредна состојба, е веќе познатиот на јавноста Александар Пиперевалиев, а фирмата е регистрирана во Струмица.
Она што е интересно за оваа фирма е дека ова е прв и единствен тендер добиен во изминативе неколку години, фирмата воопшто нема искуство со работење тендери и уште поинтересно е дека својот подем оваа фирма го доживува од 2017 година па навака, откако СДСМ доаѓа на власт. Од 2017 до 2018 профитот кај оваа фирма нараснал за над 3000%. Целиот обрт во 2018 година на фирмата е 12 милиони денари, а сега одеднаш во еден тендер се добива сума од истата висина.
Пиперевалиев е тесно поврзан со фамилијата Заеви, каде што е близок бизнис-ортак со Горан Крстев во фирмата за канабис „Бул билдинг“ Струмица, кој е, пак, доскорашен бизнис-ортак со семејството Заеви преку фирмите „Сара Јавор“ и „Сара инжинеринг“.
Пиперевалиев дополнително на јавноста ѝ е познат по апсењето на неговиот бизнис-партнер во Србија, Предраг Куловија, а според медиумите се водеше истрага за него и бизнис-партнерот на Заеви, Горан Крстев“ порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

