Македонија
УСС предлага вонредни социјални стипендии за студентите

Како привремена економска мерка и решение за неповолната финансиска ситуација во која се најдоа студентите по прогласување на вонредната состојба, Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ предлага воведување вонредни социјални стипендии за студентите.
1.Вонредна социјална стипендија за студентите од семејства со низок доход (со месечни примања до 14.000 денари по член на семејство);
2.Вонредна социјална стипендија за студентите кои ќе приложат доказ дека еден или повеќе од членовите на семејството останале без работно место како последица од вонредната состојба;
Лошата економска ситуација која во претстојниот период дополнително ќе се продлабочи е проблем кој не ги избегна ниту студентите. Како што велат од Универзитетското студентско собрание, голем дел од студентите го финансираат своето образование од приходите на семејството, кои сега дополнително ќе бидат скратени, или, пак, од хонорарни и привремени ангажмани кои не се опфатени од досегашните мерки на Владата.
„Ваквата кризна состојба може да се надмине само со стабилно и систематско дејствување па затоа ги повикуваме надлежните институции да ги преземат потребните мерки со кои ќе се помогне на ранливите категории и студентите чии финансии енормно ќе бидат скратени во претстојниот кризен период. Покрај ваквите краткорочни мерки, за целосно решавање на кризната состојба потребни се и значително поголеми системски промени. Затоа дополнително ги повикуваме надлежните институции на нови разговори со цел креирање долгорочни економски мерки кои ќе бидат донесени во претстојниот период со цел да се помогне на студентите кои ќе бидат најпогодени од ваквата ситуација“ се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.