Македонија
(Видео) Инспекторите запечатиле повеќе од 350 кафемати
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на прес-конференција во Владата ги презентира наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, кои во периодот од 19 март до 21 април имаат извршено 33.173 надзори со цел да гарантираат целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот Ковид-19.
„Инспекторите се постојано на терен, ја извршуваат својата работа со полна професионалност ставајќи го општото добро пред поединечните интереси. Со тоа се придонесе да се заштитат правата на потрошувачите, да се почитуваат правата на работниците, да се одржуваат на соодветно ниво квалитетот и цената на лековите, медицинските средства, основните прехранбени продукти, за што им упатувам јавна благодарност“, потенцира претседателката на Инспекцискиот совет.
Таа соопшти дека во овој период најмногубројни се контролите направени од Државниот пазарен инспекторат, вкупно 26.569, од кои 5.508 се контроли на замрзнатите цени во малопродажните и големопродажните објекти.
„Притоа, од страна на ДПИ затворени се вкупно 162 угостителски објекта, кои не ги почитувале мерките на Владата, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека повеќето угостители сепак дисциплинирано ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатиот месец интензивно ги контролира и кафематите во целата земја, при што е извршено запечатување на повеќе од 350 кафемати. Освен на самиот почеток на кризата, кога имаше одреден број пријави за покачени цени кај некои производи, особено кај цитрусното овошје, можеме да констатираме дека во подоцнежниот период повеќето од трговците ги почитуваат одлуките за смрзнатите цени, а на оние каде што е забележано зголемување им се наложува да ги вратат цените на нивото од 11 март“, рече Филиповска-Грашкоска.
Агенцијата за храна и ветеринарство исто така активно спроведуваше надзори во повеќе градови во државата, и тоа во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и на зелени пазари. Реализирани се вкупно 1.645 вакви инспекции, при што се изречени вкупно 5 глоби, 75 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и вкупно 64 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба по кои правните субјекти постапуваа веднаш.
Државниот инспекторат за труд, во насока на заштита на работничките права, реализира вкупно 3.236 контроли, при што донесени се 42 решенија и речиси 152 укажувања за работодавците што не постапиле по препораките на Владата.
„Повеќето од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронични болни. Трудовиот инспекторат констатира дека повеќето од работодавците ги почитуваат препораките за заштита на вработените од Ковид-19“, посочи Филиповска-Грашкоска.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во изминатиот период реализира 732 инспекциски надзора во субјекти во нивна надлежност, со особен фокус на приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот Ковид-19. Паралелно со инспекциските надзори, ДЗСИ издаде и вкупно 9.607 дозволи на транспортери за професионални возачи во меѓународниот транспорт, кои се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.
„Државниот инспекторат за транспорт во овој период реализира 751 надзор. Притоа се констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален речиси 95 отсто и продолжува да се редуцира. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД има извршено 240 контроли на веледрогерии и аптеки. Може да посочиме дека при овие контроли констатирано е дека нема специфични отстапувања, а секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број лица во аптеките, а цените се во согласност со препораките и одлуките на Владата“, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова, на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Висаре Риза, на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, и на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

