Македонија
„Го сакам ГТЦ“ реагира за изградбата на лифтот: Не е извлечена поука од минатото

Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ реагираше за изградбата на лифт на влезот од Градскиот трговски центар, посочувајќи дека не е извлечена поука од неодамнешните протести кога активисти реагираа за да објектот го задржи својот архитектонски стил, односно, да не биде трансформиран во барок. Оттаму велат дека изградбата на лифтот кај спиралните скали во време на рестриктивно движење и здравствена криза со право предизвикало реакции кај граѓаните, припадниците на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ и особено кај архитектите.
„Во име на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ на оваа тема се воспоставени контакти со надлежните и остварена е средба со директорот на ГТЦ и неговиот потесен тим. Во овој момент сите работи на оваа бесправна градба се запрени и се надеваме нема да бидат продолжени со оглед дека претставуваат сквернавење на објект со атрибути на културно наследство и симболика на граѓанската борба за Скопје. Свесни за потребата на развој и “живеење“ на ГТЦ се надевавме на редовни консултации со стручната фела, однапред за било која интервенција на објектот, што и не беше случај со скорашната реализација на кровната градина!“, информираат од инцијативата „Го сакам ГТЦ“.
Тие очекуваат надлежните институции да ја отстранат бесправно поставената челична конструкција, со издавање на решение за рушење, како и враќање на тој дел од ГТЦ, како што изгледал претходно.
„Се надеваме дека сите чинители сериозно ќе ја сфатат состојбата и ќе се откажат од ова непромислено и брзоплето решение на некои нејасни интереси изнесени од менаџментот на ГТЦ. Иницијативата ‘Го сакам ГТЦ’ и понатаму будно ќе го следи овој процес и упатува апел настанатиот проблем да се реши во рамките на институциите но доколку е потребно спремна е целиот свој капацитет и сите средства да се спротистави на било која непромисленост“, додаваат од „Го сакам ГТЦ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Левица да каже како од левичарска партија се стекна со имот вреден 1 милион евра за 400 000 евра

Партија која гласно се претставува како борец за правда наеднаш се здобива со имот кој вреди 1 милион евра, а Апасиев го купува за 400 000 евра, и притоа манипулира како тоа било подрум, подрум од 409м2, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на Левица.
„Левица глумат револуционери и како тие ќе го ‘спасат’ системот преку театрални настапи, кои инаку се популистички, а зад кулисите прават зделки за моќ, привилегии и удобност.
Колку од нивната гласна идеологија е продадена со тој договор?
Нивното “храбро“ однесување претставува само обид за да го одвлечат вниманието на граѓаните, додека тие самите тивко се интегрираат во системот, и си ги продаваат тие идеали позади кои тврдат дека стојат.
Додека нивните членови јавно ги напуштаат преку фејсбук објави, Апасиев купува имот вреден тројно повеќе, во центар на Скопје од 409м2, и лаже дека купил подрум и си го манипулира членството, за притоа да пие кафе во истиот објект каде другар му отвори кафуле.
Од “борци“ станаа пиуни со двојни стандарди и ја претворија Левица во приватна сопственост. Партија која тврди дека се бори против елитизам сега има лидер елитист.
Левица да каже од каде им се средствата и како се вклопуваат во сликата на антикапиталистичка партија, многу лесно ги променија боите, а можеби само левичарската црвена на Апасиев не била ништо повеќе од костим“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Платите во Македонија се мизерни“ – синдикалците побараа минимална плата од 500 евра

Платите во Македонија се мизерни и не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на првомајскиот протест повика на зголемување на платите за работниците. Беа побарани достоинствени услови за работа и почитување на колективните договори.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека работниците имаат многу причини да протестираат, а малку да празнуваат.
„Денеска протестираме за плата, денеска одиме пред Собрание, Стопанска комора и Влада да кажеме дека бараме 500 евра минимална плата, дека бараме за 100 евра зголемување на сите останатите плати, да бараме почитување на колективните договори за зголемување на платите и дека бараме пристојна плата за секоја работа“, истакна Трендафилов.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) претходно најави дека нема да учествува на протестот, бидејќи претседателот Благоја Ралповски смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.
Македонија
(Видео) Власта за четири месеци потрошила 30.000 евра на јадење по ресторани, вели Кузеска од СДСМ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, објави дека во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани.
Таа на прес-конференција објави дека во првите четири месеци од годината, власта потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани.
„Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии“ се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра! Ова се податоците кои се јавно достапни и ќе бидат дадени до медиумите“, рече Кузеска.
„Почитувани министри, Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани?“, додаде портпаролката.
Вели дека секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот.
„Главни кафанџии според овие сметки, кои ги доставуваме до јавноста, се Дон Тимчо Муцунски, Дон Филков, сите трошаат како мафијаши, во време кога имаме најниски плати во регионот. Замислете, дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата – плаќа баснословни суми по кафеани! Културните работници да знаат дека додека они немаа плати, барем министерот не бил гладен. ВМРО-ДПМНЕ денес не е партија на народот. Тоа е затворен круг на луѓе што уживаат додека народот се бори. Тие се изгубени во луксуз, без чувство, без срам, без контакт со реалноста. Приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго – ова веќе ги поминува сите граници“, изјави Кузеска.
Според СДСМ, оваа власт е симбол на елитизам, ароганција и тотално отуѓување. Немаат врска со народот. Немаат совест. И очигледно, немаат намера да запрат.