Култура
И вечер две изведби на отворено во време на корона

Денеска, ќе се одржат две нови изведби од програмата „Култура во време на корона“. Вечерва, во 20 часот, кај средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, познатата виолинистка Пламенка Трајковска и гудачкиот состав ќе одржат едночасовен концерт, а во 21.15 часот DJ ELECTRON ќе има свој настап кај паркот „Лазо Москов“ во населбата Скопје Север.
Сите настапи ќе биде стримувани на:
– фејсбук-страницата на Град Скопје и
– Youtube-каналот на Град Скопје
Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13.4. 2020 година објави јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е, пред сè, да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.
Заинтересираните уметници може да се пријавуваат на овој ЛИНК.
Со овој повик ќе се поддржат следните видови проекти: маалски изведби во времетраење до 2 часа; техничката опрема ќе биде обезбедена од културните установи на Град Скопје, и виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…, во времетраење до 2 часа. Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето-износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Култура
Maкедонскиот уметник Цветин им пиша на Трамп и на Путин – да не се повторат Хирошима и Нагасаки

Македонскиот сликар и уметник Живко Поповски-Цветин упати писма до американскиот и до рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.
На англиски и на руски јазик, во писмата упатени до американскиот и до рускиот претседател, Цветин порачува да не се повтори катастрофата со фрлање на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки.
„По повод вашата средба што набргу ќе се одржи на Алјаска, како поддршка, авторот на изложбата ‘Цвеќе на мирот’, која е отворена во знак на одбележување 80 години од Хирошима и Нагасаки, ви испраќа една од своите изложени слики со надеж дека со оваа средба ќе се најде решение за прекин на дејствата и да владее мирот во светот“, пишува Цветин.
Цветин пред извесно време ја отвори изложбата „Цвеќе на мирот“ во галеријата „Метаноја“, на која учествуваа Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко-поетски перформанс имаа музичарите Никола Стојковски и актерката Арна Шијак. За оваа изложба д-р Коста Милков рече дека „во текот на годините на неговите заложби за мир Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025 со име ‘Цвеќе на мирот’ по повод Деновите на уметноста во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“.
Цветин е и креатор и идеолог на декларацијата за мир во светот и против војните и употребата на нуклеарното оружје, која досега ја потпишаа повеќе од 3.500 лица. Оваа декларација е отворена за потпишување како крик против војните и употребата на нуклеарното оружје и во поддршка на мирот во светот.
За сите потфати Цветин ќе каже „Цвеќето во човекот не ги сака ветровите на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку само пресликувам цветови во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.
Живко Поповски-Цветин (1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и има подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и кај обични луѓе во светот.
Култура
Драмскиот театар Скопје, по четири успешни изведби во Будва, настапува на Охридско лето

По премиерата и вкупно четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифати претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека со оваа најнова копродукција ќе гостува во Охрид.
Македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август (недела) од 21:00 часот, во Центар за култура „Григор Прличев“.
Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.
Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.
Авторски тим:
Режија – Иван Пеновиќ
Превод – Соња Должан
Сценографија – Лазе Трипков
Костимографија – Александар Ношпал
Композиција – Владимир Пејковиќ
Сценско движење – Дамир Клемениќ
Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.