Македонија
Најтешките случаи со Ковид-19 ќе се лекуваат со озонирање на крвта
Во Градската општа болница „8 Септември“ денеска е донесен апарат за озонска терапија на најтешко болните заразени со коронавирус, извести министерот за здравство, Венко Филипче. Домашните анестезиолози направиле детални анализи на искуствата од другите земји каде пациентите веќе се лекуваат на ваков начин.
„Озонирање на крвта е една метода што се користи за третманот на овие пациенти, пред сè за најтешките случаи. Има публикации и искуства од други земји и врз основа на тие искуства тимот на анестезиолози од болницата ’8 Септември’ направи една детална анализа на навистина обемна литература. Заклучија дека вреди да се направи обид оваа терапевтска мерка да се аплицира кај овие пациенти. Деновиве почнува и оваа апликација, практично станува збор за метода со која се озонира одредена количина на крвта која се вади од пациентот и потоа истата се враќа во неговата циркулација“, рече министерот Филипче.
Докторка од анестезиолошката служба во болницата „8 Септември“, по детална анализа, му укажала на министерот дека оваа терапија може да ја примаат одредена група пациенти. Засега министерот вели дека немаат доказ дека помага, но во исто време немаат ниту доказ дека одмага. Одлуката кај кој пациент да се примени терапијата ќе биде на анестезиолозите.
„Ќе оставиме на проценка на анестезиолозите , тие кои секојдневно се со пациентите ќе кажат за кој пациент може да се примени и врз основа на која индикација. Сакам да потенцирам една работа, нема ограничување за оваа терапија. Значи кој пациент и да даде индикација, ќе може да ја прими терапијата“,рече министерот Филипче.
Тој објасни дека причина за тешката слика кај заболените од коронавирусот е недоволната оксигенација на крвта, а со озонирањето се подобрува способноста да однесе кислород до ткивата.
„Се вадат 15 милилитри, се озонираат и се враќаат во циркулацијата. Тоа може да се повтори неколку пати во денот. Тој е механизмот на делување. Терапијата се индицира врз основа на проценка на степенот на оксигенација на крвта. Тоа е параметар кој што може да се мери и се мери кај сите пациенти што се во интензивна нега. Кај оние пациенти кои имаат тешкотии со дишењето кај кои според оние претпоставени механизми самата крв е компромитирана па еритроцитите не можат да го врзат кислородот за да го однесат до ткивата, ова може да помогне. Значи на кратко, подобра можност крвта да оксигенира ткива во повеќе органи во организмот“, објасни министерот Филипче.
За утре на Институтот за трансфузиона медицина е закажана и првата екстракција на плазма која исто така ќе се користи за третман на пациенти заболени од Ковид-19. Оваа метода превидува најтешко болните да се лекуваат со крвта од веќе излекувани пациенти. Министерот нагласи дека овој начин на лекување со крвна плазма може да се примени само кај пациенти кај кои има индикации за такво лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова организираше традиционален годишен прием за дипломатскиот кор во Охрид, каде што пред претставници на амбасадите и меѓународните организации упати силна порака за мир, дијалог и еднаков третман на државите во европската интеграција.
Таа на присутните им посака среќна и успешна година, нагласувајќи дека дипломатите претставуваат знаење, умереност и упорност во потрагата по решенија преку дијалог, а не преку конфликти и уцени.
„Дипломатијата не е само протокол, туку цивилизациски механизам што урива ѕидови и гради мостови“, рече таа, додавајќи дека претпочита тркалезни маси наместо мапи на фронтови.
Претседателката ја посочи важноста на културната, економската и научната дипломатија, а во центарот на говорот ја стави потребата од нов мултилатерализам – што ќе штити мали и ранливи држави и ќе го почитува меѓународното право.
Остра критика за односот кон проширувањето
Сиљановска-Давкова упати и критика кон пристапот на ЕУ, нагласувајќи ја опасноста од политичка арбитрарност и двојни стандарди.
„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!“, рече претседателката.
Додаде и дека тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди.
„Ако проширувањето стане процес во кој секој нов член го редефинира патот на следниот – Унијата ќе го изгуби она што ја прави Унија“, додаде претседателката.
Во обраќањето, таа се осврна и на трагедијата во Кочани, нарекувајќи ја „болна траума“ и се заблагодари за поддршката од меѓународната заедница, која преку дипломатите покажала солидарност и пријателство.
Во завршниот дел, Сиљановска-Давкова истакна дека европската перспектива мора да биде кредибилна и рамноправна:
„Не бараме привилегии – бараме критериуми. Проширувањето не е само тест за кандидатите, туку и за демократскиот капацитет на Унијата.“
„Западниот Балкан не смее да се третира како периферија на периферијата. Тоа е европски предизвик и безбедносен приоритет“, заклучи претседателката, со порака дека заедничката иднина се гради преку партнерство, разбирање и доверба.
Македонија
Обвинителството да ги истражи наводите за мафијашките притисоци, уцени и злоупотребата на системот од Филипче и Заев за остварување на клановските цели, бара ВМРО-ДПМНЕ
„Нема пора во општеството каде што СДС под менторство на Зоран Заев и Венко Филипче со мафијашки методи не владееле. Кризните ситуации и состојби во државата ги претворале во можност и шанса за нивно богатење, наместо да работат за да им помогнат и олеснат на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Така и во ек на вонредна состојба за време на ковид пандемијата, Филипче и Заев наместо да се грижат за здравјето на граѓаните, политичката моќ ја користеле за да ја преземат приватната болница Жан Митрев.
Ова го потврди самиот др. Жан Митрев, кој во своето јавно сведоштво ја разоткри вистината за начинот на кој со притисоци, уцени и злоупотребата институциите Заев и Филипче ја водеа државата за свои лични интереси.
Тандемот Филипче-Заев сакале сами да ја одредат вредноста на болницата, а за возврат нуделе „помош“ во судска постапка на докторот Жан Митрев, што е класична уцена и злоупотреба на власта.
Овие обвинувања за кланот Заеви и чуварот на фотелјата на СДС, се надоврзуваат на долгата низа сомнежи за злоупотреби на системот за бенефиции и придобивки, како и афери поврзани со Заев и Филипче, златни визи, имот и бизниси во Дубаи, фирми во странство и сомнителни финансиски трансакции и што ли уште не.
Ова не е политика наменета за граѓаните и државата, туку е мафијашки модел на дејствување за лични клановски придобивки.
И денес Филипче се обидува да се претстави како ново лице на политичката сцена, но всушност е човек обременет со своето минато кој само седи на партиското столче на Заев и ги спроведува истите политики, со истите луѓе, истите шеми и истата злоупотреба.
Оттука се поставува едноставно прашање, на кое и Филипче и СДС треба да дадат јасен одговор. Дали човек со ваков сериозен багаж на скандали, сомнежи и тврдења за злоупотреба на власта може да има кредибилитет да води партија?
Но, наместо одговорност и повлекување, сведоци сме на уште поголема ароганција и молк од Филипче, затоа сега правдата е таа која треба да зборува.
Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги истражи сите наводи за мафијашките притисоци, уцени и користењето државата и институциите од страна на Филипче и Заев за приватни, односно, за остварување на клановските цели.
Не треба да има недопирливи, законот треба да важи подеднакво за сите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

