Македонија
Спасовски: Регионалната соработка го положи тестот и во справувањето со коронавирусот
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „Одговорете им на луѓето“ на Федералната телевизија на Босна и Херцеговина, посветена на состојбата и справувањето со здравствено-економската криза поради коронавирусот во земјите во регионот, информира за актуелниот момент на оваа тема во нашата земја. Тој истакна дека стратегијата за одговор на оваа закана дава резултати со повеќе оздравени отколку новозаразени и дека тоа е резултат на дисциплината на граѓаните кои ги прифатија мерките како неопходни, потоа на исклучителната посветеност на здравствените работници, на вработените во МВР и во Армијата, кои во овој период се на висината на задачата мерките да се спроведуваат максимално дисциплинирано.
Во емисијата, во која учествуваа и премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, потпретседателот во владата на Србија и министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љаиќ, и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина, Фахрудин Радончиќ, тема на разговор беа и економските мерки што ги преземаат земјите од регионот за ублажување на последиците за стопанството и економијата.
Многу бргу со мерките за заштита од коронавирусот од здравствен аспект дојдоа и економските мерки за справување со последиците врз стопанството и економијата.
„Со првиот пакет интервентни мерки беа опфатени 254 компании и 2.853 вработени во микро, мали и средни компании. Заедно со третиот циклус за овие мерки обезбедени се малку повеќе од 10 милиони евра. Во тек е реализацијата на вториот пакет-економски мерки, кој главно предвидува директна помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за април и мај, за сите фирми погодени од кризата. Сумата што ќе ја добие секој работник од компаниите што ќе аплицираат за двата месеца, април и мај, изнесува речиси 500 евра, односно по 14.500 денари месечно. Освен да се задржат тековните плати на вработените, оваа мерка е наменета и за зачувување на работните места“, рече Спасовски.
Премиерот говореше и за значењето на регионалната соработка во решавањето на многуте прашања од итност што ја наметна здравствено-економската криза поради коронавирусот и истакна дека ова особено дојде до израз во организацијата на спроведувањето на безбедните хуманитарни коридори со кои се обезбеди враќањето на државјаните на Северна Македонија од земјите со висок ризик во својата татковина и со тоа регионалната соработка го положи тестот.
Едно од прашањата беше и мигрантската криза за која тој потсети дека Северна Македонија е за спроведување политика на нула толеранција во однос на евентуалните обиди мигрантите да ја преминат границата.
„Без разлика на корона-кризата, ја следиме внимателно и оваа ситуација, но главно нема разлика во однос на нашиот став. Во однос на мигрантската криза, Северна Македонија ја градеше својата политика на две основи – едната е европската политика во делот со справувањето со мигранти, а другата е регионалната соработка, односно политика заедничка со земјите од регионот. Нема справување со каков било мигрантски бран ако сите земји заедно не носат заеднички ставови и одлуки и ако не соработуваат меѓу себе“, рече премиерот Спасовски во гостувањето во емисијата „Одговорете им на луѓето“ на Федералната телевизија на Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

