Македонија
Електронска пријава за состојба на водомер за физички и правни лица
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје секогаш е во служба на своите корисници и граѓаните на град Скопје. Следејќи ги трендовите на дигитализација, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје овозможува пристап до сите информации за претпријатието преку својата веб-страница www.vodovod-skopje.com.mk, пристап до електронските сервиси преку e.vodovod-skopje.com.mk и од неодамна преку мобилната апликација веќе достапна за „Андроид“ и „Иос“.
Една од опциите достапна за корисниците е можноста за пријавување на состојбата на водомерите од дома. На едноставен, лесен и безбеден начин, со следење на упатствата, приложени на e.vodovod-skopje.com.mk и мобилната апликација, преку оваа опција достапна за физички и правни лица, имате можност да ја пријавите состојбата на вашите водомери во период од 10 до 16 секој месец.
За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, заинтересираните граѓани може да се обратат на:
– 02 3073 010, дежурно-информативен центар; 02 3240 300, дирекција; [email protected]; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje.
„Доколку, сепак, имате потреба да нè посетите, тоа можете да го направите во дирекцијата, каде што шалтерите за наплата, во согласност со новите промени за движење, работат секој работен ден од 7.30 до 17 часот и сабота од 8 до 13 часот. За таа цел, но и да се заштитиме и превенираме од ширење на коронавирусот, задолжително носете маска, држете растојание, не групирајте се и следете ги сите препораки издадени од Министерството за здравство“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на Европската конференција на Универзитетот Харвард
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе учествува на 11-та Европска конференција на Универзитетот Харвард, со наслов „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“, што се одржува денес и утре во Бостон, САД.
Во рамки на учеството, тој ќе се обрати на панел-дискусијата „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко“, каде ќе говори за значењето на европската перспектива на регионот, како и за можностите за зајакнување на дипломатската соработка во меѓународниот контекст.
Европската конференција на Харвард е еден од најзначајните настани за трансатлантскиот дијалог и за Европа во САД. Основната цел на конференцијата е зајакнување на трансатлантските односи преку обединување на водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот. Настанот претставува уникатна можност за носителите на одлуки и академиците, заедно со идните лидери, да разменат идеи и да идентификуваат нови насоки за соработка и дејствување.
Македонија
Студентски отпор: Оваа неправда нема да остане без одговор, сите студенти денеска за Фросина
Студентски отпор изразува длабоко сочувство до семејството на Фросина Кулакова.
„Оваа загуба е резултат на системски недостатоци кои ја загрозуваат безбедноста на сите нас.
Долгогодишната неказнивост, институционалната негрижа и структурното насилство не само што ни ги одземаат можностите во образованието, туку резултираат и со трагедии што не можат да се преболат. Оваа неправда нема да остане без одговор!“, соопштуваат од Студентски отпор.
Од таму ги повикуваат сите студенти денеска во 13:00 часот пред Силбо.
„Затоа што вака се чувствуваме небезбедни. За нашата колешка Фросина. За сите нас“, додаваат од Студентскиот отпор.
Македонија
Почина новинарот Ѓорѓи Томиќ
Денеска, по кратко боледување во Скопје, во 42. година од животот почина новинарот Ѓорѓи Томиќ.
Томиќ со години беше дел и од редакцијата на „Канал 5“, каде што работеше како уредник во информативната редакција.
Во новинарската кариера следеше настани од надворешната политика.
Потекнуваше од новинарско семејство, а зад себе остави сопруга и две деца.