Македонија
Најголем број од заболените со коронавирус во Македонија се на возраст од 50 до 59 години
Од вкупниот број заболени со коронавирус во Македонија, 662 се машки, а 737 женски лица, според податоците објавени од Институтот за јавно здравје.
Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години. Последните податоци укажуваат дека најголем број заболени, односно 292 лица, се на возраст од 50 до 59 години, каде што е регистрирана и највисока специфична инциденца – 105,0/100.000. Кај лица над 60 години регистрирани се 287 случаи, а најниска инциденца од 22,4 и 22,3 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 10 до 19 и 0 до 9 години, каде што се пријавени 56 и 51 случај.
Во земјата досега се пријавени вкупно 1.399 случаи на Ковид-19, од кои најголем број се регистрирани во Скопје, Куманово и во Прилеп, а највисок леталитет се регистрира во Струга.
Од пријавените случаи, 22,9 процента биле хоспитализирани во текот на болеста, а другите биле или во моментот се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Во однос на симптомите што се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8 отсто), кашлица (53,2 отсто), малаксаност (34,7 отсто), треска (19,0 отсто), главоболка (16,4 отсто), болка во грлото (15,8 отсто) и отежнато дишење (15,0 отсто). Кај 485 или 34,7 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9 проценти имале контакт со веќе потврден случај во државата.
Со коронавирус досега заболени се 228 медицински работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
100 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 100 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 14 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас…“, велат од МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
„Доколку ДПМНЕ добие преголема моќ ќе се стави крај на европските перспективи, независните медиуми и независното судство“, вели СДСМ
„Потребен е силен СДСМ во Собранието, да не се дозволи повторно инсталација на режим од страна на ДПМНЕ и играње со иднината, стабилноста и безбедноста на државата“, вели СДСМ.
„Доколку десничарска партија како ДПМНЕ добие преголема моќ, извесно е дека ќе се стави крај на европските перспективи, независните медиуми и независното судство.
Тоа ќе значи враќање назад повеќе од 20 години.
Поддршка за СДСМ и обединување на сите прогресивни сили во земјата е единствениот начин да се спречи повторно режим“, соопшти СДСМ.
Македонија
Пендаровски по повод Светскиот ден на слобода на медиумите: Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето
Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите.
„Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.
Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.
Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање. На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите“, порача претседателот Пендаровски.