Македонија
Хелсиншки комитет: Oстанувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната гола егзистенција
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе продолжи да ја следи состојбата со работничките права во државата и во секое време е подготвен конструктивно да се вклучи во сите процеси со засегнатите страни, за да се обезбеди почитување на трудот.
Во последните шест месеци, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 214 пријави кои опфатија повеќе од 3.432 работнички и работници. Повеќе од 461 работник останаа без работа, а на приближно 696 работници им била намалена платата или, пак, воопшто не им била исплатена. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната гола егзистенција и затоа се потребни солидарноста и заедништвото.
Работничките и работниците се луѓе од крв и месо, со свои неотуѓиви човекови права, чувства, животни приказни и достоинство. Крајно време е сите да застанеме во одбрана на работничките права и да ги обезбедиме барањата стари повеќе од еден век – достоинствен живот за сите, регулирање на работното време и прекувремената работа, социјална и здравствена сигурност.
Синдикатите треба да ја надминат разединетоста
Последиците од сегашната ситуација ќе бараат активен дијалог помеѓу социјалните партнери за изнаоѓање соодветни мерки и чекори што ќе значат надминување на кризата и одење напред кон одржлив економски развој. Токму затоа, разединетото синдикално организирање во најбрз можен рок треба да ги консолидира своите разлики и да обезбеди соодветна репрезентација на околу 800.000 работнички и работници во државава кои претежно живеат од наемен труд. Слики, како оние од минатогодишниот Први мај кога општите синдикати организираа три посебни протестни марша, само ја влошуваат преговарачката позиција на работниците и посочуваат на формалноста на синдикалното здружување, за сметка на суштинските потреби и проблеми. Од тие причини, апсолутно е неопходно да се редизајнира борбата за работнички права и да се создадат услови за поефикасно дејствување во процесот на обезбедување социјална правда.
Институциите мора да ги заштитат работниците од последиците на вонредната состојба
Работниците беа први на удар и по прогласувањето на вонредната состојба на територијата на целата држава поради справувањето со последиците од коронавирусот. Затоа, и на овој ден ги реафирмираме здружените барања до Владата на повеќе синдикати и граѓански организации, кои се однесуваат на заштитата на работниците и на сиромашните, а кои досега не наидоа на соодветен одговор од страна на институциите:
1. Мораториум на сите откажувања на договорите за вработување од страна на работодавачите (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба;
2. Право на паричен надоместок за невработени лица да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Ова од причина што многу работници изминатиов период беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин;
3. Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризава, односно од почетокот на март. Многу фирми кои отпуштија работници во изминативе недели, според сегашното решение, можат да добијат државна помош и покрај отпуштањата;
4. Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери и слични видови работници), кои се најнесигурната категорија и немаат речиси никакво социјално и здравствено осигурување. Овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, треба да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од најмалку 14.500,00 денари;
5. Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на кредитно-задолжените;
6. Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници во изминатиот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

